Јанкулоска: Подобрена безбедноста на територијата на Град Скопје
За 14,2 проценти е намален брјот на регистрирани кривични дела на територијата на градот Скопје во првото полугодие од годинава што претставува евидентно подобрување на состојбите во областа на безбедноста во градот, информира денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по посетата на просториите на Единицата за прв одговор и интервенција „АЛФА“.
Според неа, резултатите следат по неодамнешната трансформација на единицата АЛФА и воспоставување на Единицата за јавен ред и мир, како и подобрувањето на координацијата со полициските станици од општа надлежност.
- Ако ги погледнеме статистиките, припадниците на Единицата АЛФА извршиле легитимирање на 7.834 лица, прегледале 1.367 возила и привеле вкупно 2.026 лица по разни основи. И ако ги гледаме состојбите во однос на криминалитетот, благодарение на активностите на полициските службеници од овие организациски единици, бележиме позитивен тренд во првото полугодие, односно регистрирани се за 14,2 проценти помалку кривични дела, а откривачката функција расте што е потврда на добрата организација и на посветената работа на луѓето кои ги извршуваат работните задачи на подрачјето на Град Скопје, рече Јанкулоска.
Поводот за посетата на министерката за внатрешни работи на Единицата за прв одговор и интервенција АЛФА е средба со полициските службеници кои учествуваа во спасувачката акција и успешно спречија обид за самоубиство на едно лице пред неколку дена во Скопје. Во акцијата за спасување, како што посочи таа, учествувале припадниците на единицата АЛФА на Единицата за јавен ред и мир и полициските службеници од полициската станица за општа надлежност Центар.
- Се работи за настан кој што беше евидентиран на мостот „Око“ каде што жена на возраст од 36 години со скокање во реката Вардар се обиде да си го одземе животот. Благодарение на брзата реакција на припадниците на МВР од неколку организациски единици, жената беше спасена и извадена од водите на Вардар. Навистина, ваквите настани заслужуваат одбележување и практично се потврда за пожртвуваноста на полициските службеници кои совесно ги извршуваат своите задачи и покажуваат дека полицијата, освен во оние секојдневни активности по кои можеби сме препознталиви, а се однесуваат на репресивното спроведување на законите, работи и е мотивирана од хуманитарни цели, во функција на спасување човечки животи и задоволување на потребите на граѓаните, рече Јанкулоска.
Денешната посета, како што истакна таа, ја искористила, покрај за честитки до припадниците на МВР кои учествувале во спасувачката акција, да поразговара и за предизвиците со кои тие се соочуваат во секојдневната работа и по трансформацијата.