Средба Груевски - Ринкевицс
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 25 август 2014 година) оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Латвија, г-дин Едгарс Ринкевицс.
На средбата соговорниците ги констатираа традиционално добрите и пријателски односи, кои се карактеризираат со стабилна политичка соработка со расположлив потенцијал за интензивирање на соработката во повеќе други сектори и области како што е економијата, трговската размена, културата итн.
Премиерот Груевски посочи дека ваквите посети и средби преставуваат добар импулс за зајакнување и продолжување на меѓусебните односи и се од значење за градење на пријателство засновано на меѓусебно почитување и соработка.
Република Латвија ги поддржува евроатланските интегративни процеси на Република Македонија при што очекувам таквата поддршка да продолжи и за време на латвиското претседателство со ЕУ кое започнува од првата половина на наредната година. Соработката на тој план е значајна за Македонија и целиот регион во актуелниот контекст по европските избори и формирањето на новите институции на Европската унија. На тој план Република Македонија продолжува со активен и конструктивен пристап и исполнување на реформите и критериумите во насока на евроинтегративните процеси, посочи на средбата премиерот Никола Груевски.
Соговорниците се осврнаа и на можноста за продлабочена економска соработка и остварувањето на конкретни проекти од областа на економијата, образованието, културата, здравството, туризмот за чија реализација постои потенцијал кај двете држави што може да донесе продлабочување на заедничките севкупни односи меѓу двете држави.
Премиерот Груевски на соговорникот му ги престави реформите кои се прават и можностите за економска соработка.