Министерот Кралев го посети ПОУ „Д-р Златан Сремец“

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска го посети ПОУ „Д-р Златан Сремец“ за да се запозане со условите во кои учат децата, како и со проблемите и предизвиците со кои се соочува ова училиште. 

Кралев го посети и новогодишниот добротворен базар што го организира   ПОУ „Д-р Златан Сремец“ и купи неколку предмети.

- Со директорката разговаравме како заеднички да ги подобриме условите, пред се инфраструктурните услови со кои располага училиштето и техничките помагала кои се неопходни за овие деца, рече Кралев и додаде оти од МОН до крајот на годината веќе се обезбедени дополнителни средства за подобрување на инфраструктурата во училиштето.

Ова, како што рече, е еден почеток за нашите натамошни активности со училиштето и со општината со цел заедно да создадеме средина во која децата со посебни потреби ќе го добиваат целото внимание, а наставниот кадар ќе располага со потребната опрема за да има квалитетна настава.

На новинарско прашања за родителските школи и експертски тимови кои биле најавени за училиштата, Кралев посочи дека во моментов е направена приоритетна листа на училишта каде ќе биде овозможено вработување на психолози и педагози.

- Тоа се пред се училишта во Република Македонија кои не располагаат со таков помошен кадар. Сметаме дека до крајот на годината ќе бидат вработени 16 педагози во основните училишта низ Македонија и едно дополнително вработување во средните училишта, рече Кралев и посочи дека и следната година планираат да продолжат со анализа за овозможување на вработување на ваков кадар кој, како што потенцира, е неопходен за сите училишта.

Кралев посочи дека тоа планираат да го изведат во соработка со општините и во рамки на буџетските можности.

Градоначалникот на општина Кисела Вода Марјан Ѓорчев изјави дека имаат одлична соработка со ова училиште.

- Фасадата на училиштето ја правевме минатата година заедно. Следната година е во план да учествуваме со санација на подот на приземјето и да се постави ламинат, рече Ѓорчев.

Директор на ПОУ „Д-р Златан Сремец“ Мери Стојкова информира дека во моментов во училиштето има 146 ученици, во централни и подрачни паралелки.

- Во кругот на основните училишта имаме посебни паралелки. Такви се девет посебни паралелки во седум основни училишта низ Скопје, изјави Стојкова.