Пуштен во употреба спортскиот центар „Јане Сандански“
На локацијата на поранешната сала на МЗТ Скопје во Општина Аеродром денеска беше пуштен во употреба нов спортски центар „Јане Сандански“.
Инвестицијата во мултифункционалениот спортски комплекс во чиј состав е изграден и хотел „Русија“, изнесува 15 милиони евра, а ја реализира рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко преку јавно-приватно партнерство со Општина Аердором.
На пуштањето во употреба на централната сала со капацитет од 6.500 посетители и на хотелот присуствуваа премиерот Никола Груевски, инвеститорот Самсоненко, градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски, генералниот менаџер на Спортскиот центар Надица Димовска и гереналниот менаџер на хотелот „Русија“ Дина Муцунска.
Според премиерот Груевски, инвестицијата од 15 милиони евра ќе отвори најмалку 50 работни места и има големо и повеќекратно значење.
- Два големи клуба од Скопје, РК „Вардар“ и КК МЗТ Скопје добиваат сопствен дом и арена во која ќе може да тренираат, да натпреваруваат и да ги продолжат добите резултати од минатото. Младите кои се дел од овие кулубови, но и сите деца, млади и постари кои ќе го посетуваат овој спортски комплекс, професиоално или рекретивно добија исклучително модерен објект во кој ќе биде задоволство да се игра и да се спортува. Љубителите на спортот и навивачките групи добија нова и модерна сала со нова и и поинаква атмосфера да се навива и да ги бодрат милениците. Од безбедносен аспект оваа сала е најмодерната во Македонија, рече Груевски.
Новата сала, истакна, е уште еден успешен проект за Општина Аеродром, а Скопје доби капитален проект кој го подбрува имиџот на градот како потенцијален домаќин на многу европски и светски збиднувања.
Рускиот инвеститор потенцираше дека добил поддршка и наишол на одлична соработка од општинските власти и службеници и надлежните министерства за изградбата на објектот. -Овој објект го направивме сите заедно. Во процесот на изградба на Спортскиот центар учествуваа над 60 македонски компании, пет странски од Русија, Србија и од Словенија. Ангажирани беа околу 1.600 работници, наведе Самсоненко.
Најдовме, посочи, вистинското име за спортскиот центар и за хотелот, Јане Сандански како истакнат македонски револуционер и Русија како негова татковина.
Покрај арената во СЦ „Јане сандански“ отворени се и помошна спортска сала за кошарка и ракомет со капацитет од 1.000 посетители, како и конгресен центар. Дел од комплексот треба да бидат и тениски игралишта, фитнес и аеробик центар.
Хотелот „Русија“ располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски апартман, шест „супериор“, 28 еднокреветни соби, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Хотелот ќе содржи спа центар и руф бар. Со неговата изградба, според премиерот, се дава дополнителна вредност на целиот комплекс и се зголемува туристичката понуда на целиот објект.
СЦ „Јане Сандански“, укажа Груевски, е продолжение на инвестициите и активностите за развој на спортот во изминатиот период, меѓу кои изградбата на националната арена „Филип Втори“, СРЦ „Борис Трајковски“, на спортски сали и тениски игралишта, воведување награди за спортистите, основањето на Спортската академија.