Во Бристол средба Јолевски - Јакич
Словенија ја поддржува политиката на проширување како на НАТО, така и на ЕУ. Република Словенија и јас како министер за одбрана сме големи поддржувачи на Република Македонија, за да биде дел од овие организации и воедно жалиме што една земја тоа го попречува.
Ова го истакна словенечкиот министер за одбрана Роман Јакич на денешната средба во Бристол со неговиот македонски колега Зоран Јолевски, во пресрет на Самитот на НАТО во Кардиф, Обединетото Кралство.
- Имаме многу добри односи помеѓу двете министерства и армии, и во иднина очекувам истите да ги продлабочиме. Мојата позиција е многу јасна, Македонија треба да се приклучи на двата клуба - НАТО и ЕУ, затоа што тоа е за доброто на сите, истакна министерот Јакич.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Јолевски се заблагодари за поддршката и додаде дека ќе се залага и во иднина овие две земји да имаат одлична соработка. Тој ја истакнал и одличната досегашна соработка во одбраната и додаде дека добрите политички односи помеѓу двете земји посебно се рефлектираат на одбраната.
Заблагодарувајки се за досегашните обуки на припадници на АРМ на воените образовни институции во Република Словенија, министерот Јолевски рече дека е особено задоволен што оваа година на Воената академија во Скопје ќе се школува и кадет од Словенија.
Началникот на Генералштабот на Словенските воени сили, Генерал мајор, Добран Божиќ, ја искористи оваа прилика да истакне дека македонските војници се одлично подготвени и воедно се заблагодари за соработката и поддршката за време на заедничките вежби.
- Соработката помеѓу нашите две армии се пример за останатите земји не само од регионот, рече началникот на генералштабот на АРМ, Генерал потполковник, Горанчо Котевски.
Во текот на денешниот ден, министерот Јолевски имаше средба и со британскиот пратеник Алистер Бурт, на која што уште еднаш беше искажана поддршката за Република Македонија за остварување на нејзинитер цели, членство во НАТО и во ЕУ.