Груевски-Милановиќ: Билатералните односи одлични, приоритет е економската соработка
Проблемот е политички. Ние не можеме да ја натераме Грција да ги смени своите ставови, можеме само да разговараме. Но, тоа не го поддржуваме. Мислам дека нема никаква опасност од Македонија и би требало, но за тоа не одлучувам јас, што побрзо да се покани во НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ, бидејќи очигледно има админстративен капацитет за сериозни преговори со Унијата, а тоа е многу.
Ова го нагласи хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, по денешната средба со премиерот Никола Груевски во Скопје, потенцирајќи оти мора да биде надмината блокадата на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
- Оваа состојба мора да престане. Ги разбирам и проблемите и стравовите на некои држави. Историјата е нешто што не можеме да го менуваме, а таа може да условува многу работи. Но, живееме во сегашноста, знам дека тоа звучи како фраза, но Македонија е мала држава која за никого не е закана, a развива доста во светот забележителна бизнис клима, истакна премиерот Милановиќ.
Според премиерот Никола Груевски, сите хрватски искуства во однос на членството во НАТО и во ЕУ, се и ќе бидат добредојдени за Република Македонија.
Пријателска и конструктивна средба со која се потврдува континуитетот на размена на мислења и ставови за билатералната соработка и за нашите надворешно-политички приоритети, ги оцени премиерот Груевски разговорите со неговиот хрватски колега Милановиќ, кој е во посета на Република Македонија.
На средбата било констатирано дека помеѓу Република Македонија и Република Хрватска владеат одлични билатерални односи кои континуирано се развиваат и се карактеризираат со долгогодишна соработка и пријателство во сите области од заемен интерес.
Како што изјави премиерот Груевски, била истакната и подготвеност и посветеност за нивно натамошно унапредување особено во делот на економската соработка.
- Се согласивме дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на економската соработка, за продлабочување на трговската размена што би довело до реализација на заедничката цел во следните години, а тоа е Хрватска да стане уште поголем партнер на Република Македонија во трговската размена, рече Груевски.
Груевски и Милановиќ разговарале и за можностите за соработка на полето на инвестициите. Некои хрватски компании, посочи Груевски, имаат инвестирано во Македонија, други размислуваат, но сите, истакна, се добредојдени. За туризмот, на средбата било констатирано дека постои голем потенцијал во двете насоки, како и во многу други области во кои можат двете земји да соработуваат а се од заеднички интерес.
- Голем дел од нашите граѓани ги сметаат за многу блиски компаниите од Хрватска, производите од Хрватска, а тоа е веројатно и заради заедничкото минато и воспоставените ргионални брендови на неколку или повеќе хрватски компании, рече македонскиот премиер.
Одговарајќи на новинарско прашање за вклучување хрватски градежни компании во изградбата на македонските патишта, Груевски истакна дека конкретно за автопатишта за кои е поставено прашањето, се веќе во градба.
- Значи, таму е веќе извршен избор на компании коишто градат и веќе не е моментот кога се бираат компании. Но, и за едното што го спомнавте и за ова другото што го спомнав секогаш Македонија е подготвена да соработува со компаниите од Хрватска. Ние имаме одлични искуства во соработката со хрватските компании. Мене ме радува што во Хрватска извозот е силен околу 13 проценти и тоа е значајно, појасни Груевски.
Тоа значи, рече, дека земјата оди напред во делот на економијата, дека има добра перспектива, така што, изрази надеж оти тоа ќе помогне и за посилно зајакнување на економијата на Хрватска, но и за уште подобри релации во однос на нашата заедничка соработка. Исто така, потенцира Груевски, и нашиот извоз расте и се надевам дека ќе имаме уште подобра соработка.
- Ги отворивме сите позначајни прашања, разменивме многу искуства, како во делот на економијата, така во делот на патот кон ЕУ, и се разбира во политичкиот дел. Можам да кажам дека ние и досега и во иднина Хрватска ќе ја сметаме за пријател на Република Македонија. Ќе продолжиме да работиме и понатаму на одржување на одлични политички односи и преку вакви средби што повремено ги правиме на високо ниво и со секаква соработка на политичко ниво. Ќе работиме уште повеќе на охрабрување на нашите компании и давање подобри услови за нивна соработка, но и на делот на ЕУ и на НАТО, рече Груевски.
Премиерот Милановиќ потенцира дека Македонија воведе низа закони и даночни реформи, кои покажуваат дека и со мали даноци, како што има Македонија и е една од европските прваци, има позитивни резултати, а тоа е очигледно смислена и јасна политика која се води. Во политиката, смета тој, и кога имаш јасна цел и кога знаеш што сакаш, никогаш не си сигурен како ќе заврши.
- Јас не сум голем верник на листата на конкурентност, но сепак таа нешто зборува. Таа зборува дека Македонија немаше да го направи тоа без својата политика и политичари. Спроведе неколку даночни реформи кои и помогнаа, и кои покажуваат дека и со мали даноци кои ги има Македонија, таа една од европските прваци и затоа има позитивни резултати. Значи, тоа е резултат на очигледно смислена и јасна политика. На тоа ви честитам, рече хрватскиот премиер.
Хрватска е присутна стопански во Македонија, а размената е нешто помалку од 200 милиони евра, подвлече Милановиќ, додавајќи дека се разговарало и за можната соработка во секторот на одбраната таму каде што хрватските фирми и претпријатија можат да помогнат во ремонт на одредени средства.
- Се се тоа разговори кои траат секогаш и се одвиваат на повеќе наврати. Му благодарам на премиерот Груевски, изјави Милановиќ.
Што се однесува на статусот на Хрватите во Македонија и обратно, Милановиќ рече дека нема никакви проблеми, ние не сме соседни држави со класични национални малцинства кои автентични, коишто живеат со векови.