Премиерот Никола Груевски и владината делегација се обратија на бизнис-форум во Ескишехир
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и членовите на владината делегација, денеска (вторник, 16.09.2014 година) во Ескишехир, Република Турција присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција (ТАББ) и Стопанската комора на Ескишехир, и на кој присуствуваа претставници на компании од областа на високо технолошката индустрија, железничката и машинска индустрија, како и од прехрамбената индустрија.
Премиерот Груевски во своето обраќање посочи дека овие денови владината делегација посетува 5 градови кои се економски центри на Турција со цел преставување на инвестициските можности пред турските инвеститори, посочи премиерот Груевски.
“Ние сме влада која е во постојан контакт со бизнисот, со стопанските комори, со компаниите. Ние секојдневно комуницираме и ги слушаме нивните барања. Ги анализираме и огромен дел од нив ги прифаќаме и спроведуваме. Така и планираме да продолжиме”, изјави во своето обраќање премиерот Груевски.
Тој истакна дека реформите кои се спроведуваат во полето на економијата даваат резултати и тие се препознаени од многу реномирани институции, како Светската банка, ММФ, Фич и други. “На листата за конкурентност на Давос, за само една година Македонија има раст за 10 места, а минатата година во однос на таа пред неа имаше раст за 8 места. Што значи за две години на листата за конкурентност на Давос Македонија порасна за 18 места. Нема друга држава која направила таков скок за толку кратко време, иако има уште многу да сработиме во тој правец, на што ние како влада сме фокусирани”, изјави Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија има значајни вложувања во образованието. “Се преземаа повеќе суштински реформи за подобрување на процесот на образование меѓу кои е изучување на англискиот јазик во основното образование уште од прво одделение, се спроведоа инвестиции во насока на јакнење на ИТ вештините, обезбедување на компјутер за секое дете, како и намалување на цената за партиципација за студирање,” истакна Груевски. Тој посочи дека се вложува и во самиот квалитет на образование за што се реализира проект за превод на 1000 книги и учебници кои доаѓаат од 10 прво рангирани универзитети во светот од кои сега изучуваат и македонските студенти. Се донесе и закон за поттикнување на инвестициите, и се формира Фонд за иновации што треба да го стимулира иноваторството кое е моторот за секоја економија. “Се отворија нови универзитети и нови дисперзирани студии со што образованието стана достапно за поголем број на млади луѓе”, изјави Груевски.
Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Фуркан Чако во своето обраќање пред присутните истакна дека односите со Турција се исклучително пријателски, што е добра основа за продлабочена економска соработка. “Имаме прилика да разговараме со различни претставници на бизнисот и стопанственици кои се заинтересирани за инвестирање во странство, вклучително и Република Македонија. Ние сме постојано достапни за странските инвеститори и постојано спроведуваме реформи на тој план,” изјави министерот Чако.
Сопственикот на фирмата „Смирна Парс“, Ридван Уретен која во Македонија започна со инвестирање во областа на земјоделието изјави дека тие одлучиле да инвестираат во Македонија поради условите кои ги нуди македонската Влада.
“Ние бевме многу добро пречекани и добивме добри информации од владините институции. За нас Македонија е стратешко место бидејќи оттаму многу полесно и побрзо стигаме во Европа и можеме да ги пласираме на европскиот пазар”, изјави Уретен.
Тој објави дека освен првичната инвестиција поради добрите услови и резултати за водење на бизнис компанијата планира ново проширување. “Нашата прва инвестиција во Македонија е во Битола, сега планираме купување на земјиште во Могила и Новаци, а после тоа да се прошириме и во Росоман. За цел имаме создавање на нови садници со земјоделски производи и изградба на откупно дистрибутивни центри. Ова е инвестиција во земјоделието” изјави Уретен . Тој упати и порака до останатите инвеститори во Турција, уверувајќи дека откако ќе ги видат условите кои ги нуди владата ќе има многу турски инвеститори кои ќе инвестираат во Македонија.
Претседателот на Стопанската комора на Ескишехир, Саваш Озајдемир во своето обраќање пред присутните на форумот изјави дека му преставува задоволство што има можност да биде домаќин на ваков бизнис настан кој е од значење за остварувањето на контакти и јакнење на меѓусебните врски. Тој истакна дека Стопанската комора на Ескишехир поседува потенцијал кој може да се искористи. Економијата на Ескишехир опфаќа производи за авионската индустрија, како и железничката, прехрамбената и автомобилската индустрија кон која се има посебен фокус, посочи Озајдемир. “Во комората се присутни 790 членови. Нашата намера е во наредните години да го зголемиме бројот на членови на Комората над 1000 големи компании, и зголемување за речиси три пати на постоечкиот извоз. Се надевам додека работиме на остварување на овие цели, ќе се зацврснат нашите врски и ќе се зголеми соработката во економијата со Република Македонија”, изјави претседателот на Стопанската комора на Ескишехир, г- дин Озајдемир.