Премиерот Никола Груевски и владината делегација се обратија на бизнис-форум во Анкара
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и членовите на владината делегација, денеска (среда, 17.09.2014 година) во Анкара, Република Турција присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот во Aнкара се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција, (ТАББ).
Премиерот Груевски говореше за реформите и мерките кои помогнаа во градењето на поволна бизнис клима.
„Република Македонија привлече многу компании, а една од тие работи зошто ги привлече е што земјата спроведе еден проект наречен регулаторна гилотина, кој значеше кратење на илјадници бирократски процедури, или нивно целосно бришење, или поевтинување, или комбинација од овие работи. Проектот го работевме со стопанските комори и со околу 300 компании од различни сектори и со различна големина. Како резултат на тоа бирократските процедури кои постоеја во минатото во огромна мера исчезнаа и компаниите се многу покомотни во нивното работење”, изјави Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека Македонија за време на светската и европската должничка криза не ги зголеми даноците.
„Делувавме спротивно од останатите држави кои ги зголемуваа даноците, ние ги намалувавме. Тоа се исплатеше. Една од најзначајните работи за Македонија е што сме држава со ниски трошоци за правење на бизнис. Воведовме рамни и ниски даноци. Персоналниот данок на доход во Македонија е 10 проценти, данокот на добивка е исто 10 проценти. Данокот на додадена вредност е 18 проценти, а за некои дејности 5 проценти. Царините и останатите трошоци се намалија”, изјави Груевски.
Министерот за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески изјави дека имаме уште еден успешен бизнис форум во Анкара.
„Доста сме задоволни од присуството на многу турски компании не само од овој град туку и од локалните региони кои присуствуваат на овој бизнис форум. Со некои од овие компании сме во подлабоки фази на разговори со кои преговараме нивните инвестиции да завршат во Македонија, тука се и компаниите од производствените сектори кои разгледуваат локации за да влезат поблиску на европскиот пазар”, потенцираше Павлески.
Директорот на компанијата „Мач Груп“, која е компанија од областа на земјоделството и прехранбената индустрија, г-дин Атај Мач ја објави одлуката на својата компанија за реализација на инвестиција во Република Македонија.
„Ги истражуваме условите за инвестирање во Македонија две години и донесовме заклучок дека тоа е најдоброто место за инвестирање во регионот. Имаме фабрики и капацитети во Турција и размислуваме за проширување на нашиот бизнис во Европа и истражувајќи во повеќе држави дојдовме до сознанието дека Македонија е најсоодветна. Гледаме огромен потенцијал во Македонија. Купивме земјиште и сега планираме да започнеме со изградба на фабрика во Скопје. За понатамошните планови најпрво сакаме да изградиме откупен центар во Скопје и откако ќе го завршиме планираме да инвестираме во земјоделие и во добро земјиште кое ќе ни донесе приноси”, изјави Атај Мач. Тој истакна дека инвестицијата која ја планираат е во општината Илинден и е во вредност од 3 милиони евра.
Членот на извршниот одбор на Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција (ТАББ), г-дин Џенгис Ѓунај изрази задоволство што овие посети на високо ниво се почести и тие придонесуваат несомнено за продлабочување на меѓусебните односи на планот на економијата.
„Потпишувањето на договорот за слободна трговија меѓу Турција и Македонија создава одлични економски потенцијали и можности за трговија со помали трошоци. Tурската економија е во развој и многу турски компании инвестираат на Балканот.
Од друга страна Македонија на полето на привлекување на инвестиции направи многу. Турција го развива банкарскиот сектор, металската, прехранбената и текстилната индустрија. Македонија веќе профитираше од овие инвестиции иако постојат и повеќе други потенцијали кои може да се искористат”, изјави Џенгис Ѓунај.