Средба Груевски - Давутоглу
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 17.09.2014 година), во Анкара, оствари средба со претседателот на Владата на Република Турција, г-дин Ахмет Давутоглу.
Соговорниците ги поздравија одличните политички односи помеѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво, и изразија задоволство од постојаниот и нагорен тренд на развој на истите кој се карактеризира и со редовни средби на највисоко ниво.
Двајцата премиери акцентираа дека помеѓу двете земји постои цврста соработка која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање.
“Република Турција е наш долгогодишен пријател и стратешки партнер, а оваа средба претставува уште еден показател за одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои се одликуваат со висок степен на пријателство и разбирање, интензивна соработка на сите нивоа, отворен дијалог и волја за натамошна реализација на проекти од заеднички интерес на сите полиња“, изјави премиерот Груевски.
Соговорниците констатираа дека е направен голем напредок во економската соработка, и ја изразија својата цврста определба за дополнителен ангажман за унапредување на истата, на трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
Премиерот Груевски ги истакна и поволностите што ги нуди нашата земја за сите потенцијални турски инвеститори за отворање и водење бизнис во Република Македонија, истакна позитивна оценка за турските фирми кои што веќе инвестирале во нашата земја, и ги охрабри останатите фирми да започнат со анализи кои би воделе кон финална одлука да инвестираат во Македонија.
Македонскиот и турскиот премиер се согласија дека европската и евроатланската интеграција на Југоисточна Европа е заедничка визија на двете земји и на двете влади како најдобар гарант за стабилноста на регионот, за меѓусебната соработка на земјите и за обезбедување на услови за што поголем економски раст и развој.
Република Македонија особено го цени фактот што Република Турција, од осамостојувањето до денес, останува конзистентна во почитувањето на националните и државни интереси на Република Македонија во билатералната и мултилатералната комуникација и што безрезервно ја поддржува нашата земја во европските и евроатланските аспирации, кои остануваат наша примарна цел, истакна премиерот Груевски.
Премиерот на Република Турција Ахмет Давутоглу истакна дека ова за него лично е важна посета бидејќи таа е прва официјална посета на премиер од друга држава откако беше именуван за премиер за Република Турција.
“Со Македонија имаме добри и пријателски односи. Имаме и историски врски. Тие добри конекции се одразуваат и врз економијата и политиката”, изјави Давутоглу. Тој посочи дека политичките односи се на добро ниво. Досега сме немале проблеми ниту пак значајни отворени прашања. На меѓународен план се поддржуваме и Турција лобира за Македонија, изјави Даутоглу.
Република Македонија целосно ја подржуваме во нејзините евроатлански интеграции и стоиме на располагање да помогнеме на тој план, изјави премиерот Даутоглу, кој додаде дека лично како политичар ја користи секоја прилика да и помогне на државата. Република Турција во Македонија гледа традиционален пријател, истакна на крајот премиерот на Република Турција Ахмет Давутоглу.
Соговорниците разменија мислења и на останати теми од заеднички и од регионален интерес.