Средба Груевски - Ердоган
Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, денеска (17.09.2014 година) оствари средба со претседателот на Република Турција, г-дин Реџеп Таип Ердоган.
На средбата двајцата соговорници ги констатираа добрите политички и економски односи, како и можностите за искористување на расположливите потенцијали.
Премиерот Груевски му ја честиташе победата на Ердоган и му посака успех во водењето на државата. Тој посочи дека билатералните односи се одлични, а честите средби на политичко ниво се потврда за пријателството кое се развива меѓу двете држави.
Премиерот Груевски го запозна претседателот Ердоган со реформите и чекорите кои се преземаат на економски план, и притоа укажа на тоа дека се залага за динамизирање на економската соработка меѓу двете земји.
Премиерот Груевски го информираше Ердоган за целта на посетата која е економско политичка. Тој истакна дека турските компании се добредојдени во Македонија, а оние кои се решија да инвестираат имаат позитивно искуство од условите за инвестирање. Премиерот Груевски изрази надеж за продолжување и продлабочување на пријателството и соработката во повеќе сфери од заеднички интерес.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изрази задоволство од посетата на македонскиот Премиер. Тој посочи дека ја поддржува Македонија и нејзините евроатлански апсирации. На тој пат во Турција можете да најдете пријател, изјави Ердоган.
Соговорниците разменија мислења за повеќе регионални прашања, како и искуства од реформите во повеќе области како што е образованието, здравството, градежништвото.
Соговорниците разменија мислења и за останати прашања од заеднички интерес за двете држави.