Владина делегација оствари средба со претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка

С О О П Ш Т Е Н И Е

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, во придружба на заменик претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески, денеска (четврток, 1 декември 2011 година) во Токио оствари средба со претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка, г-ѓа Садако Огата.

На средбата се изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји кои ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање, при што се нагласи дека постои огромен, неискористен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, а особено во економската сфера. Премиерот Груевски изрази благодарност за досегашната техничка помош доделена преку програмите на Јапонската агенција за меѓународна соработка, кои во Република Македонија се имплементираат повеќе од десет години, а меѓу кои неизбежно се истакнуваат проектите за подобрување на медицинската опрема и изградбата на хидро-системот „Злетовица“.

Воедно, премиерот Груевски изрази задоволство и од новите проекти за 2012 и 2013 година, како што е проектот за подобро менаџирање со отпад, обуките за промоција на туризмот и грант во областа на културата за поддршка на Охридското културно лето, при што нагласи дека сè уште постои простор за зголемување на меѓусебната соработка. Притоа беше пренесена подготвеноста на македонската страна за натамошни меѓусебни консултации за согледување на можностите за започнување нови инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за ублажување на климатските промени и заштита на животната средина, преку искористување на поволните услови за финансирање од страна на Јапонската официјална развојна програма за кои Република Македонија ги исполнува квалификационите услови. Во тој контекст, премиерот Груевски ја информираше г-ѓа Огата дека македонската страна е подготвена да предложи два проекти, и тоа проект за модернизација на ТЕЦ Битола кој има за цел намалување на емисиите на штетни гасови во воздухот согласно ЕУ стандардите, како и проект за модернизација и доизградба на колекторскиот систем околу Охридското Езеро кој има за цел подобрување на еколошката заштита на охридскиот езерски регион.

Вкупната вредност на двата проекти се проценува дека изнесува нешто над 100 милиони евра и во следниот период ќе следуваат консултации за утврдување конкретни чекори за нивна операционализација. На средбата премиерот Груевски ја информираше г-ѓа Огата и за останатите детали од точките кои што претходниот ден се разговараа со јапонскиот премиер Нода, како и за организирањето на двата бизнис-форуми, во Токио и Осака, на кои се презентираат поволностите и компаративните предности кои што ги нуди македонската економија и можноста јапонските бизнисмени да ја искористат Република Македонија како порта за водење на нивниот бизнис во европски рамки.

Владината делегација попладнето замина за Осака, каде што утре, на последниот ден од посетата, во соработка со Јапонската надворешна трговска организација ќе се организира и вториот бизнис форум пред јапонските инвеститори.