Честитка од премиерот Никола Груевски по повод еврејскиот празник РОШ ХАШАНА
Почитувани,
Имам чест и особено задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви ја честитам РОШ ХАШАНА, со најискрени желби за успешна и бериќетна нова година.
Означувањето и чествувањето на овој исклучително значаен датум во хебрејската традиција носи силни морални и етички вредности, како за поединецот и еврејската заедница, така и за општата човекова заедница. Потребата да се погледне во минатото и човек да се наврати на сето она што го направил како добро и не толку добро дело во изминатата година, да побара прошка, да се помоли и да се обиде да биде подобра личност во наредната година, претставува универзална хуманистичка вредност достојна за почит и пример секаде во светот, вклучително и во Република Македонија. Ваквите денови се уште едно потсетување на моралните вредности кои не обединуваат и потврда на придобивките на разноликоста на македонското општество, во чиј состав еврејската заедница си има свое минато, сегашност и иднина.
Упатувајќи Ви ги уште еднаш моите најдобри честитки, Ви посакувам убави празнични денови и многу добри дела, радост, љубов, среќа и благодат да Ве пратат во новата 5775 година.
Лашана това,
Искрено ваш,
Никола ГРУЕВСКИ