Становите за лица со ниски приходи ќе се продаваат со ниски камати
Државата планира до септември следната година да го реши нерегулираниот статус на над 2.400 становите коишто се користат безправно по основ на сопственост или закуп. Лицата кои живеат во такви станови најдоцна до 31 март следната година ќе треба да се изјаснат дали ќе склучат договори за закуп или пак ќе ги откупат становите, според условите што ги утврди Владата на последната седница. Во спротивно по автоматизам ќе добијат решенија за закуп.
Износот на цената при закупот и учеството при откупот, според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, ќе се формира зависно од вкупните примања на семејствата кои ги користат становите. Цената, истакна, е приближна на пазарната.
Со нерешен правен статус според евиденцијата на институциите се 851 стан за лица со ниски приходи, изградени и поделени од 2000 година, 770 општествени станови од времето на СФРЈ, кои се продаваат од 1991 година досега, како и околу 800 бесправно вселени станови.
Условите за закуп или откуп на становите за лица со ниски примања, според одлуката на Владата, се поделени во 4 групи, односно за лица со социјален ризик, со ниски приходи, со просечни приходи и со високи приходи. Зависно од групите се одредува износот на закупнината и учеството за кредит при откуп. На лицата во социјален ризик, односно приматели на постојана социјална парична помош, евидентирани во базата на Министерството за труд и социјална политика, ќе им биде доделен стан под закуп без плаќање закупнина се додека примаат таква помош. Кај групата семејства со ниски приходи Владата утврдила две поткагатегории. Ако вкупниот приход на семејството е максимумот од 2 минимални нето плати (околу 17.600 денари) цената на закуп по метар квадратен ќе изнесува 25 денари. Доколку вкупните примања се во изност од 17.600 денари до 1,5 просечна нето плата (околу 30.000) денари, во тој случај закупнината е 35 денари за метар квадратен. Ако се одлучат да ги откупат становите, домаќинставата од овие две поткатегории ќе можат тоа да го направат со кредит преку АД за стопанисување и изградба на станбен и деловен простор, со минамално учество од 5 проценти од вредноста на станот, 30 години рок на отплата и фиксна каматна стапка од 4 проценти.
Условите за домаќинствата со просечни примања (вкупен приход од 1,5 и 2,5 нето просечни плати) предвидуваат закуп на становите по цена од 62 денари за метар квадратен. Откупот пак ќе биде со 20 проценти учество, рок на отплата од 30 години и фиксна каматна стапка од 4 проценти. И во оваа група исто така има поткатегорија. Ако семејството вкупно има приходи од 1,5 до 2 просечни плати, ќе плаќа закуп од 62 денари, а ако има примања од 2 до 2,5 просечни плати 95 денари за метар квадратни.
Според владината одлука, на лицата со високи примања (со вкупен приход од над 2,5 просечни нето плати) ќе им се дозволи откуп на станот со минимално учество од 30 проценти, рок на отплата од 30 години и каматна стапка од 4 проценти.
- Доколку до 31 март лицата кои живеат во становите не се изјаснат за закуп или за откуп, тогаш и за овие и за дивовселените и за опшествените тогаш по сила на закон со решение ќе им дадеме закуп. Моментно има голем број граѓани кои ниту имаат закуп на становите ниту поднесуваат барање за откуп и воопшто не плаќаат кон државата, рече министерот Јанакиески, истакнувајќи дека плановите се процесот на продажба или давање на становите под закуп да се заврши целосно до септември следната година.
Со одлуката на Владата е утврдено документите коишто ќе им бидат потребни на граѓаните по службена должност да им ги обезбедат Министерството за транспорт и врски и АД за стопанисутвање со станбен и делоен простор.
- Сметаме дека овие услови се доста поволни, дел од граѓаните реагираа на проценетата вредност на цената на станот, но тоа не може да се смени бидејќи е направено по методологија одобрена од банката која го финансира проектот. Затоа ние излеговме со поповолни услови за купување на становите, фиксна камата од 4 проценти и 30 години рок на отплата, наведе Јанакиески.
Според него, одуката со условите за закупот и откупот на становите е извршена врз основа на анкета помеѓу корисниците на становите, кои единствено негодувале околу износот на цената за откуп. Јавното претпријатие, најави Јанакиески. од понеделник на терен поединечно ќе ги информира домаќинставата за условите и рокот за договор или закуп.
Министерот за транспорт потенцира дека во однос на корисниците на општествени станови, откупот ќе продолжи по досегашната постапка, односно по барањата кои беа пристигнати заклучно со законски предвидениот рок до 31 декември 2010 година. При спроведување на постапката за продажба на општествените станови од Министерството за транспорт и врски информираат дека се соочуваат со голем број некомплетни барања, со што се оневозможува решавањето на овие предмети. Со цел решавање на ова прашање, утврден е дополнителен рок за оние кои имаат поднесено некомплетни барања за приватизација на стан во општествена сопственост истите да ги комплетираат до 31 март следната година година. Оние корисници на општествени станови кои нема да ги комплетираат барањата во предвидениот рок односно нема да ги достават сите потребни документи ќе добијат решение за закуп и ќе можат да ги користат становите исклучиво со плаќање закупнина за својата категорија. Целта на овие активности, според Министерството за транспорт, е конечно решавање на статусот на корисниците на општествените станови во Република Македонија.