Вицепремиерот Пешевски се сретна со британски парламентарци
Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, денеска се сретна со членовите на Парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Брајан Бинли и Марк Причард.
Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, за време на средбата соговорниците ги поздравија билатералните односи помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, нагласувајќи ја значајноста на натамошното подобрување на соработката меѓу двете земји во сите области кои претставуваат заемен интерес.
Меѓу другото, на состанокот беа дискутирани и повеќе актуелни теми кои се однесуваат на економските политики на Владата на Република Македонија, процесот на интеграција на нашата држава во ЕУ, како и за реформите кои ги спроведува македонската Влада во областа на енергетиката чија цел е интеграција на домашниот пазар на енергија со пазарите на земјите членки на Европската унија.
Пешевски, како што се наведува, истакна дека македонската Влада презема низа мерки за економскиот и социјален развој на државата, како и да се одговори на предизвиците значајни за успешната интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ, притоа нагласувајќи дека Македонија ја цени поддршката која ја добива од Велика Британија во овој процес.
- Соговорниците се согласија дека Македонија се движи на вистинскиот пат и изразија задоволство од досегашната успешна соработка помеѓу двете земји, која претставува одлична основа за понатамошно јакнење на билатералните односи, економската соработка како и можностите за привлекување на странски инвестиции, стои во соопштението.
Британските политичари Бинли и Причард потенцираа дека и понатаму ќе останат посветени во однос на унапредувањето на билатералните односи на двете земји и давањето поддршка на нашата држава за добивање на членство во Европската унија и НАТО.
Членовите на Парламентот, Марк Причард и Брајан Бинли, за време на посетата на Македонија имаа средби и со премиерот Никола Груевски и други високи претставници на Владата и македонското Собрание.