Децата од ранливите категории бесплатно ќе тренираат и кошарка, карате и боречки спортови
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска потпиша Меморандум за соработка со претставниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Федерацијата на боречки спортови на Македонија (ФБСМ) и Карате федерацијата на Македонија со кои на сите деца од семејствата приматели на социјална парична помош, децата без родители и родителска грижа, како и децата корисници на посебен и детски додаток да имаат можност бесплатно да спортуваат во клубовите кои се членки на овие федерации.
- Со денешниот Меморандум за соработка им овозможуваме на овие деца бесплатно да можат да спортуваат, им даваме шанса да успеат на сите оние кои имаат талент, сакаат да напредуваат и да го дадат својот максимум во тренинг натпревари и градење на спортската кариера, рече министерот Спасов.
Додаде дека во минатото во Македонија, но и во светот се покажало дека голем број истакнати спортисти потекнуват од семејства во социјален ризик. На ваков начин,. потенцира, им се помага на таквите деца, со оглед на фактот дека се потребни определени финансиски средства за тие да се занимаваат со спорт, да тренираат.
Министерот Спасов изрази надеж дека на оваа иницијатива ќе одговорат сите федерации во Македонија со цел, како што рече, да им се даде поддршка на што е можно поголем број деца од овие семејства кои се во социјален ризик да спортуваат бесплатно различни спортови.
Претседателот на Федерацијата за боречки спортови Чедо Николовски, секретарот на МКФ Дејан Лекиќ и претставникот на Карате федерацијата на Македонија Александар Туфакџиевски, кои во името на овие федерации го потпишаа Меморандумот изразија надеж дека на ваков начин, особено во време кога, како што потенцираа, спортот во овие најмлади категории е комерцијализиран, ќе се овозможи што поголем број деца да го изразат својот талент.
Исто така се надеваме, потенцираа тие, дека некое од овие деца кои на ваков начин почнуваат да спортуваат ќе можеме да ги видиме и во составите на македонските репрезентации во повеќе спортови.
Ги повикаа сите оние кои припаѓаат во оваа категорија да се обратат до нив и клубовите кои се нивни членови за да можат што побрзо децата да се приклучат во некои од клубовите.
Министерот за труд и социјална политика додаде дека како дополнителна поддршка на овие деца ќе биде и доделувањето спортска опрема.
- Имавме неколку акции преку кои обезбедуваме спортска опрема која е запленета од Царинската управа, кои се од познати брендови. Изменети се законите и наместо да се уништува оваа опрема, таа се дебрендира и се става на располагање на социјално ранливите категории граѓани, рече Спасов.
И натаму, потенцира, сме во контакт со Царинската управа и Агенцијата за запленет имот запленетата опрема да се става на располагање на овие деца.
За да можат да обезбедат бесплатни тренинзи треба да обезбедат потврда од центрите за социјална работа дека спаѓаат во одредена категорија наведена во самиот Меморандум
Претходно ваков Меморандум потпишаа и Фудбалската и Пливачката федерација на Македонија.