Отворен првиот Дневен центар за деца со оштетен вид од претшколска возраст
Првиот Дневен центар за деца со оштетен вид на предучилишна возраст во Македонија беше пуштен во употреба денеска во кругот на Државното училиште за рехабилитација на деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап.
Дневниот центар ќе работи од 8:30 до 16:30 часот и има капацитет за згрижување 15 деца. Тој е комплетна инвестиција на Министерството за труд и социјална политика, во вредност од околу 2,3 милиони денари.
- Дневниот центар ќе даде одлична поддршка на децата до шест години и на семејствата, односно родителите на овие дечиња. Тој ќе работи во насока на рана интеграција, социјализација, предучилишно воспитување и едукација на децата со оштетен вид. Тие тука полесно и побрзо ќе можат да стекнат знаења и вештини за користење на опремата, за ориентација во простор, ќе се работи на нивна рана социјализација, концептуален развој, препознавање на предмети, развој на моторните способности, како и секојдневните вештини. Дневниот центар ќе биде одлична поддршка за самите семејства на децата со оштетен вид, бидејќи на таков начин тие ќе се стекнат со дополнителни знаења за подобар развој на нивните деца, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворањето на Центарот.
Најави дека во наредниот период ќе се работи со отворање на најмалку еден дневен центар годишно за ваква намена. Првиот нареден треба да биде отворен во Велес.
Директорот на училиштето Горанчо Јакимов истакна оти со отворањето на овој Дневен центар за деца со оштетен вид од претшколска возраст, како што рече, се покажува и докажува грижата која постојано ја води Владата на Република Македонија преку ресорните министерства за оваа категорија граѓани.
- Овој простор е уреден по принцип и стандарди кои треба да ги задоволат потребите на овие дечиња и потребите на нивните родители. Дневниот центар ќе има работно време од 8 часот и 30 минути до 16 часот и 30 минути, а во него ќе може да бидат сместени 15 деца, рече Јакимов.
Додаде дека по нивната направена анализа работена во соработка со МТСП и Сојузот на слепи лица било увидено дека тој капацитет ќе ги задоволи потребите на градот Скопје.