Средба на премиерот Груевски со Антонио Еспиноз
Премиерот Никола Груевски, денеска се сретна со претседателот на Светската (WKF) и Европска карате федерација (EKF), Антонио Еспиноз. Поводот за средбата е Балканското првенство во карате, кое претстојниот викенд ќе се одржи во Охрид.
На средбата, информира владината прес-служба, беше разговарано за повеќе теми поврзани со афирмација на спортот и можностите кои стојат на располагање за негов развој. Премиерот Груевски на средбата ги информираше соговорниците за заложбата на Владата за поддршка на спортот и инвестициите кои се реализираат во таа насока како што е изградбата на повеќенаменски спортски сали, мултифункционални игралишта, фудбалски терени и тениски игралишта.
- Премиерот Груевски посочи дека определба на Владата е да го помага унапредувањето на спортот и развојот на спортските навики кај граѓаните, изградбата на здрави навики и јакнење на спортскиот дух. Тој истакна дека Владата ќе продолжи со инвестициите во спортската инфраструктура кои се важен предуслов за одвивање на спортот и спортските дисциплини, се вели во соопштението од Владата.
Соговорниците разговараа и за деталите и за организацијата на Балканското првенство во карате кое ќе се одржи во Охрид, овој викенд, а на кое учество ќе земат 250 натпреварувачи од 10 земји од регионот.
На средбата се разменија и мислења околу можноста за дополнителна промоција на карате спортот во нашата земја, со што би се продолжило со дополнително унапредување на условите за постигнување на понатамошни резултати на македонските каратисти на меѓународно ниво.