Со средства од ЕУ ќе се унапредува социјалниот дијалог во Македонија
Зајакнување на трипартитниот социјален дијалог на национално и локално ниво, поттикнување на колективното договарање и воспоставување секторски инфраструктури за колективни договори, воспоставување оперативен механизам за озвозможување пријателско решавање работни спорови има за цел проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ финансиран од средства од Европската унија што ќе се спроведува во наредните две години во Македонија.
- Социјалното партнерство е клучен елемент во развојот на демократското општество и значаен чинител за развојот на економијата во нашата држава. Социјалниот дијалог, како клучна и неопходна алатка во креирањето на севкупните односи на социјалните партнери, е крупен предизвик и цел, но и одговор на сложената и динамична економска и социјална состојба. Определбата на Владата на Република Македонија, искажана преку бројни стратешки документи и активности, е насочена токму кон економскиот раст на земјата, преку привлекување нови инвестиции и создавање нови достоинствени работни места, со цел подобрување на животот на граѓаните и напредок на општеството, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој се обрати на промоцијата на проектот.
Додаде дека и за инвеститорите и претставниците на приватниот сектор, од особена важност е показателот дека во земјата постои конструктивен дијалог и атмосфера на заемна доверба меѓу Владата, синдикатите и здруженијата на работодавачи.
Министерот потенцира дека и досега е постигнат огромен напредок во унапредување на социјалниот дијалог во Македонија, изразувајќи притоа уверување дека овој проект дополнително ќе ги зајакне капацитетите на Економски социјалниот совет на национално ниво, капацитетите за колективното договарање на гранково и на ниво на работавач, како и поставување оперативен механизам за мирно решавање на работните спорови.
Тој информира дека во изминатиот период, во Република Македонија има успешен и интензивен социјален дијалог, чија основа за воспоставување, како што рече, се неколкуте Конвенции на Меѓународната организација на трудот, но и домашното законодавство во делот на работните односи.
- Со основањето на Економско-социјалниот совет се овозможи конструктивен удел на сите општествени чинители во делот на државниот прогрес и реформските процеси. Овој чин го означи новото поглавје во социјалниот дијалог меѓу Владата и социјалните партнери, кој служи како форум за трипартитни консултации во делот на економските, социјалните и прашањата од трудот, рече Спасов.
На бипартитно ниво, пак, рече, репрезентативните синдикати и работодавачи склучуваат колективни договори на гранково ниво, а на локално ниво социјалниот дијалог се води преку локални економско социјални совети за кои се надлежни општините, синдикатите и работодавачите во тие општини.
Според него, сето ова овозможува социјалните партнери активно да се вклучени во сите работни групи во креирањето на законодавството од областа на економската и социјалната сфера.
Евроамбасадорот Аиво Орав потенцира дека социјалниот дијалог е од исклучителна важност за секоја држава. Одговорноста за решавање на прашањата кои тој ги опфаќа, рече, не лежи само во Владата туку во сите општествени чинители.
- Социјалниот дијалог треба да делува како мост меѓу луѓето и институциите и да ги води законодавачите кон соодветно одлучување, рече тој.
Антонио Грациоси, директор на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа (ILO), смета дека прашањата кои ги решава социјалниот дијалог не се лесни, едноставни...
Тоа, рече, се чувствителни прашања и создавањето на еден ефикасен процес на социјален дијалог не е да се изнајде решение, туку да се овозможи една средина постигната со копромис на сите вклучени страни.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митревски е задоволен од напредокот на социјалниот дијалог во земјава досега, но се надева дека сите вклучени социјални партнери ќе го искористат проектот за дополнително збогатување на капацитетите.
- Се надевам дека дополнително ќе обезбедиме институционализација на социјалниот дијалог на локално ниво, дополнително ќе се обезбедат капацитетите за збогатување на процесот на колективното договарање особено во самите претпријатија, но и да се реализираат правата на синдикално организирање во неорганизираните претпријатија, рече Митревски.
Проектот е финансиран со средства од четвртата ИПА компонента во висина од 1,3 милиони евра.