Премиерот Груевски упати честитка по повод Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани сограѓани,

Почитувани членови на македонската дијаспора ширум светот,

Имам особена чест и задоволство од името на Владата на Република Македонија и од мое лично име, да Ви го честитам големиот државен празник, 23-ти Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба.

Овој исклучителен датум е симбол на почетокот на организираното македонско револуционерно движење и воскреснатата идеја за слобода и остварување на основните човекови права во Македонија. Овој државен празник преставува сеопфатен паметник за македонското револуционерно дело во кое подеднакво учествувале, го поддржувале и помагале луѓе од различни припадности, сите кои биле обесправени, кои посакувале достоинство и слобода. Организираното револуционерно движење бил нивниот одговор на состојбите кои им биле наметнати и времињата во кои живееле и како такво во секоја смисла е поврзанo со нашата земја – Македонија.

Целта, која тие ја постигнале и темелот, кој го поставиле биле сосема доволни за генерациите по нив да го превземат аманетот и да продолжат да се борат за слобода, за подобар живот, за подобра иднина на Македонија. Таквиот аманет го носиме и ние денес, нашата борба е економски развој, воспоставување на систем на вредности и принципи кои се во функција на развојот. Она што ќе го изградиме денес, тоа ќе го оставиме во наследство да го надоградуваат и развиваат нашите деца, нашите внуци и сите идни потомци. За постигнување на оваа цел е потребно единство и сплотеност околу важните и суштински прашања за напредокот на државата, потребно е меѓусебно почитување и разбирање, градење на доверба која ќе се темели на добрите дела кои меѓусебно ќе не зближуваат. Ваквите подвизи се можни и потребни, а за тоа говорат и многубројните дела и искуства на македонско револуционерно движење каде се покажало дека со единство и сплотеност заеднички можеме да постигнеме многу повеќе за сите нас.

Нека се вечни инспирацијата и аманетот за Македонија !

Нека е честит големиот празник 23-ти Октомври - Денот на Македонската револуционерна борба!

 

            Со почит,

 

Никола ГРУЕВСКИ