Спасов: За неколку месеци вработени 4.300 млади на возраст до 29 години
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и постојаниот претставник на Обединетите Нации во Република Македонија Луиза Винтон, денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола отворија студентски „Инфо-Клуб“.
- Преку овие инфо-клубови сакаме да ја покажеме важноста информацијата за соодветно вработување и слободните работни места во Република Македонија. Студентите побрзо и полесно да дојдат до сите релевантни информации битни за нивното следно вработување и почеток на кариерата. Во оваа прилика сакам да ги нагласам ефектите од мерката за ослободување од плаќање придонеси за период од 12 месеци за приватните компании кои ќе вработат млад човек до 29 години и притоа за неколку месеци се вработија 4.300 млади луѓе, кои токму на овој начин побрзо стигнаа до работа. Оваа владина поволност ќе се применува до месец март 2016 година и очекуваме максимална искористеност од страна на приватните компании, нагласи Спасов.
Инфо-клубот во Битола е четврт по ред. Претходно веќе се отворени вакви центри во Штип, Скопје и Тетово, во рамките на тамошните универзитетски комплекси.
Промоцијата на студентскиот инфо-клуб се совпадна со манифестациите кои постојаната канцелартија на ОН во Република Македонија ги организира по повод 24 Октомври Денот на Обединетите Нации.
- Еден од најголемите предизвици на младите во Република Македонија е наоѓањето работа и затоа основната цел на овој инфо-клуб ќе биде да го намали јазот меѓу наоѓањето работа и периодот по завршувањето на високото образование. Младите во овој клуб ќе можат да ги добијат сите информации за нови вработувања, контакти со бизнисмени и други информации, истакна Винтон.
Според градоначалникот Владимир Талески овој најнов проект е во функција на побрзи нови вработувања за што соодветен придонес дава и локалната самоуправа.
- Со долготрајната транзиција и лошо спроведената приватизација регистриравме голема невработеност во Република Македонија. Во соработка со Владата, ние како општина преземаме голем број на активности и имаме многу добри резултати на овој план, иако е потребно уште да се работи. Со нашата стратегија за млади што ја практикуваме во општина Битола, како и со формирањето на младински совети ќе овозможиме начин работодавачите да ги пронајдат своите кадри меѓу младите луѓе, и обратно, младите луѓе со свето знаење да се пронајдат на пазарот на трудот, рече меѓудругото Талески.
Студентскиот Инфо-клуб при Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола ќе овозможи брзо информирање за сите актуелни, но и студентите кои ќе дипломираат за брзо пронаоѓање на работа, потврди проректорката Јованка Тутеска, на свеченоста во овој град.