Нова поставка за Македонците-бегалци во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција
Нова поставка „Македонците-бегалци во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949“ денеска е отворена во Музејот на Македонија. Поставката се протега на површина од 400 метри и во неа се презентирани мноштво фотографии, документи, лични и семејни предмети, оружје, облека, предмети од битов карактер, весници, учебници и други сведоштва поврзани со овој сегмент од историјата на македонскиот народ.
Отворањето на постојната поставка на Музејот на Македонија е дел од исклучително значајниот проект на Владата и Министерството за култура кој ќе овозможи уредување на нови и збогатување на сите музејски поставки во Република Македонија.
На промоцијата присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, директорот на Музејот на Македонија, Мирјана Нинчовска, пратеници, министри, професори, научници, историчари и етнолози.
Премиерот Никола Груевски во обраќањето пред присутните рече дека Втората светска војна во светската историографија е одбележана како настан кој целосно ја менува дотогашната слика на Европа, како и со нови поделби, агресии, насилство, уништување, жртви и голем број раселени лица.
- Македонците на Балканот не останаа одминати од ова зло и секој на свој начин ја плати цената на големата војна. Она што не смее да се заборави е дека Македонците беа на страната на антифашистичката борба и дадоа големи жртви за протерување на фашистичкиот окупатор. Благодарение на ваквата борба се ослободи и се формираше Народна Република Македонија во рамките на Југославија која ги опфати само Македонците кои живееја во границите на денешна Република Македонија, истакна Груевски.
Тој рече дека судбината на Македонците бегалци по Граѓанска војна во Грција била обработувана во многу книги, филмови и театарски претстави, а од денес и во постојната поставка на Музејот на Македонија.
Истакна дека проектот музејска поставка за Македонците-бегалци во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949 се подготвувал долго време и во него покрај стручните тимови во прибирањето на материјалите се вклучиле поголем број установи, здруженија, но и граѓани кои подариле фотографии, документи и предмети од личен и семеен карактер.
- Историјата понекогаш знае да биде исклучително болна и трагична, но никогаш не смее да остане заборавена. На човек може да му се земе детството, да му се сруши куќата, да му се запали селото, но човековата меморија не може со ниедно средство да се уништи. Таквата меморија поврзана со една болна и тешка историја на дел од нашиот народ денес е поткрепена и со оваа прекрасна музејска поставка, додаде премиерот Груевски.
Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска рече дека со музејската поставка се легитимираме како нација која знае да ја почитува и да ја валоризира историјата, нација која знае да го почитува минатото и да извлече поуки од него.
- Оваа музејска поставка е една нова потресна аудио-визуелна нарација на болката, на манифестацијата на најбруталните форми која не успеа да го скрши македонскиот дух, туку создаде вистинит мит за пожртвувана истрајност на еден народ кој ги победи најтешките искушенија и остана обединет, посочи Канческа-Милевска.
Амбиентот на новата музејска поставка е збогатен со употреба на ликовно решение насловено „Патека на децата бегалци“ кое овозможува секој посетител да стане дел од нивното минато.
Директорката на Музејот на Македонија, Мирјана Нинчовска им се заблагодари на сите кои соработувале со Музејот при опремувањето на поставката, на установите кои овозможиле пристап до нивните фондови, како и на граѓаните кои подариле материјали, фотографии, документи и предмети од личен и семеен карактер. На тие граѓани, Нинчовска им подели благодарници.