Македонските компании општествено одговорни, има простор за унапредување
Македонските компании се општествено одговорни и во последните 10-тина години има позитивни примери, но може да се направи повеќе во оваа насока, сметаат експертите кои денеска во Скопје дебатираат на оваа тема.
На меѓународната конференција учествуваат претставници од 20-тина држави кои разговараат за тоа како да се унапреди општествената одговорност и како бизнис секторот во партнерство со јавниот сектор може да придонесе за одржлив развој.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, општествената одговорност треба да се развива бидејќи таа е еден дел од креирањето позитивен имиџ за компаниите и за државата.
- Општествената одговорност на компаниите во Македонија во последно време зазема замав, но во Националниот совет за претприемништво и конкурентност сметавме дека треба да му дадеме дополнителен импулс на целиот процес, бидејќи македонските граѓани по природа се познати како луѓе кои се грижат за другите. Тоа е нешто што го имаме во нас и е дел од националната свест. Општествената одговорност постои кај компаниите, но треба сите малку повеќе да поработиме на тоа, истакна вицепремиерот Пешевски.
Валид Наги од Глобалниот договор на Обединетите нации оцени дека е добро тоа што во Македонија постои соработка меѓу сите институции.
- Добро е што постои соработка меѓу приватниот сектор, Владата и сите останати институции, а денешното потпишување на меморандумот за соработка меѓу Македонската мрежа на глобалниот договор и Националниот совет за претприемништво е потврда за тоа, истакна Наги.
Денешната меѓународна конференција се организира во рамки на годишната средба на европските мрежа на Глобалниот договор на Обединетите нации, која е најголемата светска иницијатива за општествена одговорност.