Стратегијата за развој на културата дава големи резултати, почнати планираните проекти, голем дел се завршени
Согласно Акцискиот план на Националната стратегија за развој на културата 2013-2017, која минатата година беше донесена од страна на Собранието, годинава се што беше обврска на Министерството за култура е реализирано, почнати се сите планирани проекти, а голем дел од нив се веќе завршени и промовирани.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека тие проекти го унапредиле остварувањето на културата во државата, го стимулирале креативниот уметнички потенцијал и имале големо влијание на едукацијата на граѓаните во областа на културата и уметноста.
Во Стратегијата за развој на културата биле предвидени шест значајни стимулативни мерки во областа на издаваштвото, ликовната, музичката и драмската дејност за кои сметале дека ќе се унапреди улогата и статусот на авторот, ќе се зголеми продукцијата на дела и ќе се обезбеди стабилна и континуирана промоција и афирмација на македонската култура во меѓународен контекст.
- Министерството за култура ги објави сите конкурси за нарачка и откуп на дела и во оваа смисла се постигнаа навистина позитивни резултати и ефекти. Ќе го спомнам исклучително значајниот конкурс за финансирање преводи на дела од македонската литература на другите јазици кој предизвика огромен интерес од страна на странските издавачки куќи, рече Канческа-Милевска и додаде дека на конкурсот отворен во текот на целата година се пријавиле повеќе странски издавачи и досега е обезбедена поддршка за преводи на 20 дела од современата македонска книжевност на 12 странски јазици.
Таа потенцира дека Министерството објавило и конкурс за откуп на самостојно реализирани публикации во печатена и електронска форма, првпат издадени во Република Македонија во 2013 и 2014 година при што во текот на 2013 година биле откупени над 7.000 примероци на реализираните публикации, додека конкурсот за откуп за 2014 година е се уште во тек.
- Голем интерес пред уметниците предизвика и откупот на уметнички дела од областа на ликовната дејност. До Министерството пристигнаа 220 пријави за 605 дела од кои беа селектирани дела на 60 македонски автори. Овие дела го збогатуваат националниот фонд на нашите институции. Тие ќе бидат дел од нивните постојани поставки, но дел од нив ќе се изложат и во голем број институции и државни органи во Македонија. Вториот конкурс за откуп на уметнички дела за 2015 година е веќе во тек, истакна Канческа-Милевска.
Појасни дека во музичко-сценската дејност го спровеле конкурсот за откуп на музички композиции од областа на класичната музика, а со реализација на овој проект е обезбедена поголема продукција на домашното творештво и негова континуирана застапеност во програмите на националните и другите релевантни институции во државата. Откупот на дела од поголеми формати завршува на 15 ноември, а резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 15 декември. Министерката укажа и на поддршката која ја обезбедиле за стимулација на домашната забавна и народна музика и додаде дека првпат ја вовеле и стимулативната мерка за откуп на драмски текстови на македонски автори.
- Од оваа година Министерството заедно со 16-те национални установи од областа на музејската дејност почна со реализација на повеќегодишниот проект за воспоставување постојани поставки во националните музеи од сите области. Го започнавме и проектот за осовременување на депоата на музеите во Македонија. Оваа година беше донесена и Програма за негување и популаризација на духовното културно наследство за период од 2014 до 2017 година, рече Канческа-Милевска и појасни дека за годинава одобрени се и во фаза на реализација се четири проекти.
Во контекст на заштитата на културното наследство таа спомна уште еден значаен сегмент, а тоа е стипендирање и специјализација на дефицитарен кадар во областа на музеологијата, конзервацијата и библиотекарството, како и размена на стручен кадар со врвни европски и светски универзитети. Истакна дека изминатата година се отворени два нови театри – Новиот Македонски народен театар и Велешкиот театар, Министерството за култура почнало со реализација и на тригодишниот проект за набавка на сценска, светлосна и тонска опрема за театрите низ државата, а годинава со ваква опрема се обезбедиле четири театри.
Министерството за култура, посочи Канческа-Милевска, годинава согласно предвидената динамика продолжи и со набавка на нова дигитална опрема за кино прикажување во центрите и во домовите на културата. Досега се опремени 20 домови и центри за култура со кинопроектори, а во наредниот период уште 14 домови и центри за култура ќе бидат опремени со кинопроектори, проекциони платна и друга аудио и видео опрема.
- Еден од приоритетите во Националната стратегија за развој на културата е и дигитализацијата на богатиот аудиовизуелен материјал што го поседува Кинотеката на Македонија. Изминатиот период беа дигитализирани и реставриранo целокупното филмско творештво на браќата Манаки, филмскиот опус на Столе Попов и документарниот филм „Македонија во слики – 1923“ на Арсени Јовков. Во декември годинава предвидено е да е заврши дигитализацијата на творештвото на македонските реномирани автори Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски, рече Канческа-Милевска.
Нагласи дека веќе е изготвен елаборат за дополнување на правописот на македонскиот стандарден литературен јазик, кое ќе се реализира од страна на Институтот за македонски јазик и проектот ќе биде завршен до септември идната година. Со поддршка на Министерството за култура реализирани се повеќе акции за поттикнување на читањето особено кај младата популација.
- За реализација на проектите кои се дел од програмите од национален интерес и кои имаат едукативна и воспитна функција, Министерството за култура двојно ги зголеми средствата и во периодот 2013-2014 година беа поддржани околу 280 програми за деца и млади. Министерството поддржа повеќе проекти наменети за збогатување на културната понуда за лицата со посебни потреби. Наскоро во сите институции од областа на културата ќе бидат поставени пристапни рампи за лицата со посебни потреби, а обезбеден е и попуст од 50 отсто за купување билети за настаните кои се случуваат во националните институции од областа на културата, рече Канческа-Милевска.
Таа посочи дека интензивно работат на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство со кој ќе се изврши усогласување со современите стандарди за заштита на културното наследство, ќе се овозможи одржливо користење на културното наследство, негова функционалност и намена...
- Изминатата година многу македонски уметници и институции со поддршка на Министерството за култура остварија значајни претставувања во странство кои резултираа со видлива промоција и афирмација на македонската култура и уметност во меѓународни рамки. Министерството за култура ја изработи и планираната Стратегија за меѓународна соработка и презентација која наскоро треба да биде предмет на јавна расправа, рече Канческа-Милевска.
Додаде дека меѓу активностите предвидени во Стратегијата за развој на културата кои ќе се реализираат до крајот на годинава, се отворањето на Центарот за едукација како посебна организациска единица во рамки на Музејот на Македонија, основањето на Центарот за книга како посебна организациска единица во рамки на Министерството за култура, создавањето техничка филмска база во рамки на НУ Вардар филм Македонија, како и почнувањето на постапката за изградба на филмски студија, а во тек се активности за подготовка на нов колективен договор за културата.