Ставрески: Индустријата девет месеци континуирано има раст
Растот на индустриското производство во септември годинава од 9,1 отсто според вицепремеирот и министер за финансии Зоран Ставрески е исклучително добар резултат и уште една потврда дека македонската економија добро заздравува и оти ќе може да се оствари планираната стапка на раст на економијата од најмалку 3,5 проценти.
- Во денешно време кога во Европа речиси да нема раст на индустријата и на економијата, секоја стапка на раст е добра, а посебно од 9 проценти во Македонија е исклучително добар резултат и уште една потврда дека македонската економија добро заздравува оваа година, изјави Ставрески на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека растот е на широка основа во индустријата и оти има пораст во речиси сите стопански гранки и во оние кои работат во индустриските зони, но и надвор од нив.
- Растот на индустријата е столб на економскиот раст и фактот дека девет месеци имаме позитивни стапки, солиден раст и на градежништвото и на услугите и на земјоделството, е потврда дека ваква поставените политики ги даваат резултатите и очекуваме тоа и во иднина да продолжи, особено дека во Европа постепено работите ќе се стабилизираат, истакна министерот за финансии.