Потврден стабилниот кредитен рејтинг на Македонија
Агенцијата за кредитен рејтинг Стандард и Пурс ја потврди претходно доделената оценка за кредитниот рејтинг на Република Македонија за странска и домашна валута ББ-, истовремено потврдувајќи го стабилниот изглед на земјата.
Потврдениот кредитен рејтинг се заснова на умереното ниво на јавен и надворешен долг, како и на позитивните очекувања за просечен раст на економијата од околу 3,4% од БДП, што се темели врз основа на стабилните приливи од странските директни инвестиции.
Стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија е значаен сигнал за странските инвеститори и влијае позитивно на атрактивноста на земјата на меѓународниот пазар на капитал па значи и пониски каматни стапки, како и на вкупниот економски и политички имиџ на Република Македонија. Дополнително, потврдата на кредитниот рејтинг е уште еден силен сигнал кон странските инвеститори дека Република Македонија е земја во која може да имаат доверба и во која може да сметаат дека и во иднина ќе има здрави економски политики.
Стандард и Пурс годинава го намали кредитниот рејтинг на повеќе земји како Русија, Турција, Хрватска, Србија, Словенија и Бугарија, оттука потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија е уште една потврда за добрите економски политики кои се практикуваат во земјава.