Јанкулоска на 83. Генерално собрание на Интерпол во Монако
Република Македонија и натаму останува свесна дека прашањето на безбедност претставува заедничка грижа на сите земји во светот. Целосно ја поддржуваме и промовираме идејата дека успешните стратегии за борба против криминалот, особено за организиран криминал и тероризам кои сериозно и директно ги загрозуваат државите, може да бидат ефективни само доколку се спроведуваат со заедничко дејствување, меѓународна соработка, навремена размена на информации и постојана будност во однос на преземање мерки и акции.
Ова денеска го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето излагање на 83. Генерално собрание на Интерпол што од вчера се одржува во Монако, Франција под мотото “Одвраќање на криминалот - 100 години меѓународна полициска соработка“.
Говорејќи во рамки на втората панел дискусија посветена на засилувањето на полициската соработка преку законската регулатива, политиките, технологијата и техниките на работење, Јанкулоска нагласи дека Република Македонија, особено МВР е активно вклучена во сите регионални и меѓународни иницијативи и организации за спроведување на законот со надлежност и крајна цел - справување со криминал, особено организираниот транснационален криминал и тероризмот.
Таа истакна дека институциите за спроведување на законот отсекогаш ги прифаќале промените и еволуирале за да останат еден чекор понапред пред криминалците.
- Примената на нови технологии во практикувањето на спроведување на законот, направи револуција во капацитетите на полицијата за ефективно да одговори на криминалот и проактивно да ги идентификува проблемите, да ги анализира нивните причини и да развие стратешки планови, потенцираше Јанкулоска.
Притоа посочи низа од новите техничко-технолошки стандарди и практики што како инвестиции во изминативе неколку години се имплементирани во секојдневното работење на македонската полиција, како во делот на форензиката, така и во делот на подобрување на информатичко-комуникациските капацитети и перформанси на полициските служби.
Според Јанкулоска, неопходно е во ова време на технолошки напредок спроведувањето на законот постојано да се еволуира за да ја исполни својата основна задача - да обезбеди сигурност.
Пред делегатите на 83. Генерално собрание на Интерпол, на кое присуствуваат министри и високи полициски функционери од над стотина земји во светот, се обрати и принцот Алберт од Монако, во својство на домаќин на собирот.
Тој истакна дека растот на економската трговија и слободното движење на луѓето бара силна реакција од страна на полицијата, излегувајќи надвор од границите на државите, за да не бидат претекнати од активностите на злонамерни поединци кои ги користат предностите на глобализираниот свет.
- Интерпол е најефективната структура за борба против транснационалниот организиран криминал. Вашата размена и дискусии ќе ви овозможи да се проценат мерките извршени во текот на изминатите години, особено за подобрување на капацитетот на полицијата, односно да ги прилагодат нивните методи за нови видови на кривични дела поврзани со напредокот на технологијата, нагласи принцот Алберт.
Пред започнувањето на неколкуте панел дискусии свое излагање имаше и претседателката на Интерпол, Миреле Белестраци, која потенцираше дека терористичката закана никогаш не била посилна и дека компјутерскиот криминал се шири со голема брзина низ виртуелниот свет. Тоа, според неа, се предизвици што се клучни во натамошното делување на Интерпол, но и основа за интензивирање на меѓународната соработка.
На Генералното собрание предвидени се шест панели на кои ќе се дискутира за еволуција и експанзија на организираната полициска соработка, 100 години на колективна борба против транснационалниот криминал, градење на посилни институции за национална и меѓународна полициска соработка, современи криминални закани и нови предизвици во полициската соработка, и соработка со јавниот и приватниот сектор – нови партнерства за посигурен свет.