Стипендии „Борис Трајковски“ за 20 студенти за Сити колеџот во Солун
Дваесет најдобри студенти денеска добија стипендии за постдипломски студии на Сити колеџот во Солун, кој е дел од Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија.
Стипендиите, кои го носат името на поранешниот претседател Борис Трајковски, се доделуваат традиционално веќе петта година по ред. Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14.890 евра од кои 50 проценти ги обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите Сити колеџот.
Стипендиите на студентите им ги врачи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој истакна дека тие се награда за нивната извонредност. Тие, им порача претседателот, ќе ви помогнат да станете врвни претприеначи и менаџери, какви и се потребни на Мкаедонија.
- Образованието на умот без образованието на срцето не е вистинско образование, вели Аристотол. Со таа мисла, за која верувам дека би се согласил и покојниот претседател Трајковски, сакам да ви порачам дека вашиот иден успех е ваша одговорност и кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е успех и на Македонија, рече претседателот Иванов.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски појасни дека се работи за петтата генерација стипендисти од Република Македонија која ќе го формализира високото образование на оваа престижна високообразовна установа.
- Да се биде студент на некој од врвните светски универзитети е голем личен успех на секој поединец кој одлучил да се надградува во интернационална средна, затоа што зад знаењата и компетенциите кои тој ќе ги стекне, стојат најдобрите професори и научници од конкретната област на глобално ниво. Тој личен успех може да биде непроценлив, доколку акумулираните искуства и пракси студентот ги пренесе во сопствената земја и придонесе за нејзиниот напредок во одреден сегмент, истакна Ристовски.
Директорот на програмата за магистерски студии по бизнис администрација на Сити колеџот Џорџ Ефстатиадис смета дека иницијативата за доделување на овие стипендии се вклопува во Стратегијата Европа 2020 која, како што рече, дава централно место на знаењето за постигнувањето паметен, одржлив и инклузивен раст.
Образованието особено високото и неговата поврзаост со истражувањето и иновациите, додаде Ефстатиадис, игра клучна улога кон конкутрентноста на една нација. Економијата заснована на знаење има потреба од луѓе со вистински спој на вештини.
- Се надеваме и силно веруваме дека овие менаџери се и ќе бидат агенти на промените во нивните области кои и се потребни на државата. Тоа се луѓе кои ние ги едуцираме ефикасно да водат, одговорно да постапуваат и да живеат човечно, рече Ефстатиадис.
Стипендиите за Сити колеџот се доделуваат за постдипломските студии во областа на маркетингот, финансиите, општиот менаџмент, логистичката поддршка, или пак менаџментот во здравството.