Промовирани програмите од Меѓународниот Вишеградски фонд
Во Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска беа претставени можностите за учество на македонски субјекти во програмите на Меѓународниот Вишеградски фонд за соработка со земјите од Балканот наменети за невладините организации и администрацијата.
Настанот, како што соопшти МНР, го отворија шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, амбасадорот на Словачка во Република Македонија Мартин Безак и извршната директорка на Меѓународниот Вишеградски фонд Карла Вурстерова.
Министерот Попоски во обраќањето, меѓу другото истакнал дека Вишеградската група е инспиративен модел на соработка, применлив и во нашиот регион.
- Формулата за градење заедништво засновано на принципи и заеднички интереси, овозможува напредок за сите земји во остварувањето на стратешките цели и во совладувањето на предизвиците кои ги носи современиот свет, нагласил Попоски.
Република Македонија, како што посочил ја споделува визијата на Вишеградската група и ќе продолжи активно да работи и придонесува во градењето на стабилна, безбедна и просперитетна Европа.
- Нашата врвна цел останува да биде полноправното членство во НАТО и во Европската Унија. На овој пат, државите од Вишеградската група продолжуваат активно да ни помагаат и да нė поддржуваат. Им благодариме за партнерскиот однос и искрената ангажираност во полза на нашата заедничка европска иднина, истакнал Попоски.
Mеѓународниот Вишеградски Фонд е институција на Вишеградската група која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија. Фондот е алатка на Вишеградската четворка за регионална соработка.
- Преку Фондот се финансираат тнр. меки проекти - проекти за јакнење на внатре - регионалната кохезија, за поголема интеракција на луѓето и идеите, за размена на студенти, за развивање на граѓанското општество, но и за соработка со соседните региони - Балканот и Источното партнерство. Воедно беше најавено формирањето и на Фонд за Западен Балкан кој што би се етаблирал следејќи го примерот на Вишеградскиот фонд, се наведува во соопштението од МНР.