Македонија со раст над просекот во регионот, сметаат и ММФ и Владата
Македонија ќе ја заврши годината со раст над просекот во регионот. Годинава ќе ја заврши со раст околу 3,5 проценти, раст кој го одразува зголемениот извоз, како и зголемената лична потрошувачка.
Ова е оценката на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која во изминатите две недели престојуваше во земјава, а ја искажа на заедничка прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
- Порастот за оваа година е над просекот во регионот и е проектиран да изнесува околу 3,5 проценти и незначително да се зајакне следната година. Растот е балансиран и го одразува зголемениот извоз, како и зголемената лична потрошувачка. Домашните инвестиции се поддржани со јавни инфраструктурни проекти, а приватната потрошувачка е исто зголемена поради зголемениот раст на кредитите, растот на вработеноста, а не поради слаба домашна побарувачка, истакна шефот на Мисијата на ММФ Ивана Владкова Холар.
Министерот Ставрески потенцира дека македонската економија во првите девет месеци оствари солиден економски раст кој покажува дека здраво се поставени политиките кои го овозможуваат тој раст. - Тоа се првата форсирањето на капиталните инвестиции од буџетот на Република Македонија и привлекувањето странски инвестиции кои значително го зголемија потенцијалот за производство со висока вредност и зголемување на извозот, како и креирање работни места, рече Ставрески.
- Во 2014 година очекуваме раст кој ќе се движи меѓу 3,5 и 3,8 проценти, што е една од највисоките стапки во Европа, можеби највисока и за следните две години. Очекуваме висок економски раст кој ќе се приближи околу 4 и над 4 проценти, доколку во светската економија нема нови рецесиски движења, изјави министерот Ставрески.
Потенцира дека фискалната политика и расходите се остварува согласно планираното, како и буџетските приходи кои се на ниво на планираното.
- Со добра координација на фискалната и монетарната политика успеавме да создадеме добар амбиент за поддршка на домашните фирми. Поддршката изразен во се повисокиот раст на кредитите помага заедно со останатите мерки македонското стопанство да оствари подобри резултати отколку другите во регионот, Рече Ставрески.
Тој очекува да продолжи добрата координација и да се задржи стабилноста на валутата и можноста и фирмите да дојдат до кредитни средства што им се потребни за инестиции ставрески
Државниот долг, според него, е на ниво кое е најниско во регионот и меѓу пониските во Европа и ќе остане на такво ниво, а во таа насока се и мерките за фискална консолидација што се предвидени, а следниот период во насока на постепено намалување на буџетскиот дефицит. - Тоа намалување, како што препорача ММФ, ќе се одвива со онаа динамика која е потребна за да не се наруши растот, истакна Ставрески.
Во насока на натамошно зајакнување на транспарентноста и зајакнување на фискалната дисциплина има и со уставните амандмани да се фиксираат фискални правила, односно да се позиционира максималното ниво на буџетскиот дефицит и на јавниот долг.
Според Мисијата на ММФ потребна е посилна консолидација. Владкова Холар потенцира дека во новата среднорочна фискална стратегија за периодот 2015-2017 година се вклучени повисоки таргети на дефицитот отколку во претходната стратегија и тоа значи дека стабилизацијата на долгот ќе се случи подоцна и на повисоко ниво.
Потенцира дека Мисијата на ММФ има три препораки. Тие, како што рече, се однесуваат на тоа ако има подобри приходи од проектираните да се заштедат наместо да се потрошат, ако има помалку прибрани приходи да постои резервен план кој ќе ги утврди приоритетите на намалување на трошоците, како и во периодот до воспоставување на планираното фискално правило јавниот долг да се одржи под планираниот праг од 60 проценти од БДП.
- Овој праг всушност е плафон, а не таргет, што значи дека во нормални услови политиката треба да биде насочена кон одржување на долгот на прифатливо ниво под тоа ниво, истакна Владкова Холар.
За управувањето со јавниот долг потенцира дека е потребна континуирана добра соработка меѓу Министерството за финансии и Централната банка бидејќи, како што рече, надворешното задолжување на Владата влијае врз монетарната политика преку своето влијание врз домашната ликвидност и нивото на девизни резерви.
- Препорачуваме фискалната и монетарната власт да продолжат тесно да соработуваат со цел за стратегијата за управување со долгот соодветно да се земат предвид факторите кои влијаат врз надворешната одржливост. Препорачуваме стратегијата за управување со јавен долг да вклучи поширока дефиниција, а долгот на јавниот сектор да ги вклучи сите задолжувања на претпријатијата во државна сопственост. Во врска со ова го поздравуваме неодамнешниот чекор на властите за објавување податоци за нивото на долгот на јавниот сектор, рече шефот на Мисијата на ММФ.
Таа рече дека постојат одредени области во кои дополнителни активности би придонеле за зголемување на производствениот потенцијал на економијата за намалување на невработеноста и за поинклузивен пораст.