Во Швајцарија преставени бизнис поволностите што ги нуди Македонија
Владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за привлекување странски инвестиции Висар Фида, денеска на бизнис форум во Швајцарија ги презентира поволните инвестициски услови кои ги нуди нашата земја.
На форумот беа претставени предностите и реформите кои Македонија ги спроведува во сферата на деловната клима, бизнис опкружувањето и даночната политика, а воедно беа претставени и мерките кои се преземаат со цел подобрување на инвестиционата активност во државата, вклучително и поволностите кои ги имаат инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони. По форумот вицепремиерот Пешевски и министерот Фида одржаа и поединечни директни средби со неколку високи претставници на компаниите кои присуствуваа.
Бизнис форумот е организиран во соработка со Swiss Global Enterprise, која е присутна во Македонија од 2002 година, како имплементатор на Швајцарската програма за унапредување на извозот, чија цел е да обезбеди поддршка на извозот на македонските извозно ориентирани мали и средни претпријатија и да го олесни воспоставувањето трговски врски со Швајцарија и земјите од Европската унија.
Вечерва делегацијата ќе присуствува на средба, организирана од страна на Greater Zürich Areas, меѓународна организација која посредува при изнаоѓањето на поволни дестинации за инвестирање на швајцарските компании, каде ќе присуствуваат претставници на елитната бизнис заедница на Швајцарската Конфедерација.