Хан по средбата со Попоски: Македонија е на врвот на мојата агенда за проширување
Ве уверувам дека Македонија е на врвот на мојата агенда за проширување. Ова го соопшти новиот еврокомесар за преговори за проширување, Јоханес Хан, по неговата денешна средба со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, која беше прва на наследникот на Штефан Филе со висок претставник од ресорот „проширување”.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, потребните реформи посочени во последниот прогрес-извештај за нашата земја, рестартирање на сите активности на релација Брисел-Скопје, како и прашањето за името биле главна тема на средбата Хан-Попоски.
- Ве уверувам дека Македонија е на врвот на мојата агенда за проширување и јас сакам да истакнам дека кога беше објавено дека нема да има проширување следните пет години, тоа не значеше дека нема да има преговори. Всушност, затоа сум и комесар за преговори за проширување. Се работи за квалитет, не за брзина, за промовирање на економијата и подготовка на идните земји-членки да бидат полноправен член од првиот ден од пристапувањето. Дефинитивно, мој интерес и перспектива е да работам со вас, посочи комесарот Хан.
Шефот на македонската дипломатија, рече дека првата средба со еврокомесарот ја искористиле за да имаат отворен разговор околу приоритетите поврзани со извештајот за напредокот.
- Го запознав комесарот со Акцискиот план што македонската Влада го има подготвено за надминување на сите предизвици во овој дел. Сметаме дека ќе имаме партнерски однос, што ќе не однесе кон следниот стадиум оти Комисијата и Република Македонија имаат желба да отпочнеме со преговорите за членство, изјави Попоски.
Наследникот на Филе, додаде дека е задоволен што имал можност да се сретне со македонскиот министер за надворешни работи и тоа само една ипол недела откако ја презеде новата функција. Тој посочи дека е добро да се има прва размена на дискусии, фокусирана на прогрес-извештајот и што треба да се стори.
- Дискутиравме и за тоа како да ги рестартираме сите наши активности, во однос на идното пристапување на земјата кон Унијата. Се согласивме да продолжиме и да ја обезбедиме потребната помош на нашите одделенија за да разговараме за прашања во однос на уставните измени, што може да влијаат на перцпепцијата и на нивно прифаќање во Европската унија. Затоа, важно е што имавме директна размена на мислења, па се договоривме да ги интензивираме ваквите односи, дециден е Хан.
Првиот човек за проширување на ЕУ, додаде и дека со Попоски посветиле внимание и на прашањето за името, за што во моментов се водат преговори во рмаки на Обединетите нации, додавајќи дека е важно ЕУ да работи на ова прашање, дека истото е нешто со што и тој ќе се справува, но дека за истото, во моментов не може да каже ништо повеќе или помалку.
- За нас останува единственото прашање, а тоа е блокадата, т.е. немањето на консензус во Советот за отпочнување на преговори и се разбира спорот за името. Во овој дел, ние ќе продолжиме да бидеме активни и конструктивни оти и македонски интерес е да ја отстраниме оваа блокада која е единствен начин за да станеме земја-членка на ЕУ и мораме да имаме согласност од 28. земји-членки. Сметаме дека дискусиите кои ги имавме беа исклучително корисни и за нас и за Европската комисија и ќе продолжиме со отворени партнерски односи, ќе разменуваме информации во делот на можните предлози за уставни измени, истакна македонскито министер, додавајќи дека само ваквиот приод е најдобриот рецепт за да се постигне успех.
Пред оваа средба, македонскиот шеф на диплломатијата учествуваше на дебата за иднината на проширување на ЕУ, Западниот Балкан и регионалните предизвици, организирана од германската фондација „Ханс Зејдел Штифтунг”. А, по состанокот со Хан, Попоски ја заврши дводневната работна посета на Брисел.