Промоција на Македонија на бизнис форум во Осака

С О О П Ш Т Е Н И Е

Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Никола Груевски, денеска (петок, 2 декември 2011 година), на последниот ден од посетата на Јапонија, во Осака присуствуваше на вториот бизнис форум организиран во соработка со Јапонската надворешна трговска организација (JETRO) на кој пред претставници од повеќе јапонски компании од регионот на Осака беа претставени инвестициските можности што ги нуди Република Македонија како порта за водење на нивниот бизнис во европски рамки.

Директорот на ЈЕТРО за Осака Сузуки Јацуши, во својот поздравен говор со кој се отвори бизнис форумот, го изрази задоволството што ја имаат можноста за прв пат да се организира ваква бизнис презентација на Македонија во Осака, при што посочи дека земјата е позната по земјоделството, производството на храна и на добро вино, секторот за производство на автомобилски делови, како и по нискиот данок на добивка од 10 % за разлика од високите даноци во Јапонија. Тој истакна дека Македонија во изминатите неколку години ги има унапредено деловните процедури и денес се наоѓа на 22-то место на листата на Doing Business, на Светска Банка, додека Јапонија се наоѓа на 20-то место на таа листа.

Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните ја истакна длабоката почит за особено силната колективна работна етика и иновативната генијалност на Јапонија, преку која вредната и интелигентна јапонска нација успеа да ја создаде третата најголема економија во светот. 

Република Македонија во изминативе неколку години за многумина се издигна во едно од најпријатните изненадувања и еден од најпозитивните економски примери во Европа, истакна премиерот Груевски. Тој посочи дека потврда за добрите резултати дојде од Светската Банка која преку листата на Doing Business веќе неколку години по ред ја става Македонија на врвот на листата топ реформатори и поволни бизнис дестинации, а во нивниот последен извештај за 2012 година, Македонија продолжува да се движи напред и е рангирана на 22 место на генералната листа, што е подобро рангирање од 19 од вкупно 27 земји членки на ЕУ. Премиерот Груевски истакна дека и во неодамна објавениот извештај од кредитната агенција Fitch македонскиот рејтинг се проценува како стабилен и со позитивни перспективни, во време кога истата агенција го намали рејтингот на повеќе од 10 европски земји, што е уште еден показател дека Fitch ја разликува Македонија и нејзините политики во споредба со другите земји.

Тој подвлече дека ова е резултат на посветеноста и фокусираноста на македонската Влада на постојана работа за подобрување на бизнис климата и условите за работа, како за домашните, така и за странските компании. Нашата цел е постигнување на економски раст, развивање на приватниот сектор и отворање нови работни места и затоа напорно работиме за да овозможиме поволни услови за компаниите да го оплодат својот капитал и да постигнеме двострана корист, како за раководството на фирмите, така и за животниот стандард на граѓаните на Република Македонија, истакна Груевски.

Во своето излагање, премиерот Груевски посочи дека е постигнат значаен напредок во либерализацијата на пазарот со воведување на еднострано намалување на царините, кои често ги надминуваат барањата на Светската трговска организација, со укинување на многу ограничувања за меѓународната трговија и модернизирање на царинската администрација, при што денес Република Македонија е потписничка на три мултилатерални спогодби за слободна трговија кои овозможуваат пристап до база на корисници која брои шестотини и педесет милиони потрошувачи.

Македонскиот премиер истакна дека еден од најважните предизвици на владината политика е да се обезбедат образовни можности за македонските граѓани кои се потребни за новото време. Македонија значително ги зголеми буџетските распределби за образованието до ниво од 6% од БДП, го прошири пристапот до високото образование, особено за техничките науки и значително ја зголеми употребата на компјутери и интернет во јавните училишта и универзитетите, истакна Груевски. Достапната високо квалификувана работна сила беше една од причините која ги привлече Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Текнохозе, Протек Груп, Мадерсон Груп, Сосиете Женерал, Алианс Уан, Аустриа Телеком, Лакталис, Телеком Словенија и многу други во Република Македонија, посочи премиерот пред присутните јапонски инвеститори.

Тој заклучи дека преку имплементацијата на низа структурни и институционални реформи се поддржува растот и ефикасноста, се поддржуваат инвестициите кои водат кон динамична пазарна економија, што од своја страна дава флексибилност за структурните промени кои и се потребни на Република Македонија за да успее на меѓународниот пазар и да се прилагоди кон предизвиците што ги носи пристапувањето кон Европската унија.

На бизнис форумот своја презентација имаше и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески кој зборуваше за постигнувањата и стабилноста на макроекономски план, за реформите во даночниот систем, катастарот и централниот регистар, како и за инвестициските можности кои ги нуди Македонија во делот на инфраструктурата и енергетиката. Тој посебно го истакна ниското ниво на државен долг од 26%, што ја става Македонија во поповолна состојба во делот на јавниот долг споредено со поголемиот дел од европските земји кои се соочуваат со должничка криза. 

Свои економски презентации имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо кои во детали ги запознаа јапонските бизнисмени со деловното опкружување и компаративните предности во повеќе области што Македонија ги нуди како атрактивна инвестициска дестинација. 

Со овој бизнис форум во Осака завршува посетата на владината делегација предводена од премиерот Груевски на Јапонија. Во нејзини рамки премиерот Груевски оствари средба со Неговото Царско Височество крунскиот принц Нарухито, потоа средба со премиерот на Јапонија Јошихико Нода, средби со други владини претставници, а се организираа и двата бизнис форуми во Токио и Осака.