Презентација на напредни ИТ алатки и програми за јавниот сектор
Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Мајкрософт Македонија ќе потпишат Меморандум за соработка, со што ќе се прошири соработката, а во тие рамки во следните три години ќе бидат обучени 200.000 студенти и наставници. Во Скопје се одржува дводневна конференција „Недела на јавниот сектор“, што вторпат ја организира Мајкрософт Македонија во соработка со МИОА.
- Во рамките на соработката што ја имаме со Мајкрософт Македонија договоривме во согласност со нивната програма Youthspark во наредните три години да се обучат двете илјади студенти од Република Македонија за користењето на најновите технологии кои што ќе им помогне да бидат поконкуретни на пазарот на трудот. Тоа е политиката на МИОА и Владата на РМ, изјави министерот Ивановски. Дополнително продолжува соработката во програмата наречена „Партнери во учењето“, преку која се обучени голем број на наставници. - Ние им даваме поддршка тоа да продолжат да го прават во школите бидејќи наставниците се тие кои се клучен фактор во успехот, особено, на ИКТ образованието, додаде министерот.
Третиот проект е Bisspark преку кој Мајкрософт им ги дава на малите или средни претпријатија сите алатки и апликации кои им се потребни, вели Ивановски, за да бидат поконкуретни на пазарот.
- Ова се активности за кои очекуваме во наредните три години да се помогне за развојот на информатичкото општество во Република Македонија, рече Ивановски.
На конференцијата посветена на најновите ИТ решенија за јавниот сектор на која присуствуваат претставници на повеќе државни институции, министерот Ивановски потсети дека со донесувањето на Законот за отворени податоци усвоен минатата година институциите се обврзуваат во определен временски период, податоците со кои што располагаат во дигитален формат да ги направат достапни за граѓаните.
- Овој процес ќе му помогне на приватниот сектор и на граѓаните, а очекуваме тоа да поттикне нови работни места и нови иновации. Искористувањето на овие податоци може да им помогне и на студентите, односно младите претприемачи, рече Ивановски.
Во своето обраќање тој се осврна и на проектите и резултатите во областа на Е-влада, како програма која Република Македонија ја воведе со цел обезбедување на поквалитетни административни услуги.
- Паралелно со ова работиме на развој на електронски систем за обуки на администрацијата, планирање на отворени услуги каде клучен фактор е приватниот сектор кој треба да и даде дополнителна вредност на услугата на институциите, анализа на можностите и исплатливоста за различни форми на cloud владини решенија ..., додаде министерот Ивановски.
Пред почетокот на конференцијата Ивановски во својот кабинет имаше средба со потпретседателот на Мајкрософт за јавен сектор, Џо Макри.
Според Макри, македонските институции прават значаен прогрес во имплементацијата на модерните ИТ решенија и ги поддржуваат најновите технологии за подобрување на ефикасноста, транспаретноста и нивото на услугата за бизнисите и граѓаните. Посочувајќи на програма Youthspark, тој рече дека целта е за три години да им се помогне на 300 милиони млади луѓе во светот, 690 илјади од Европа, а 200.000 во Македонија.
Стефан Плавјански, генерален директор на Мајкрософт Македонија истакна дека идејата за оваа дводневна конференција е со корисниците од јавниот сектор во Македонија да бидат споделени искуства од примена на технологијата во земјите од регионот и во светот, но и да бидат изнесени искуства собрани од Република Македонија.
- Мајкрософот беше прва голема интернационална компанија која што го препозна потенцијалот да инвестира во Македонија. После десет години од постоењето на фирмата веруваме дека одигравме една значајна улога во развојот на информатичкото општество во земјата, изјави Плавјански.
Програмата Youthspark, како што појасни тој, се состои од повеќе компоненти. Мајкрософт Македонија се надева дека центри за обука на студентите и учениците ќе има во секоја општина.
За програмата Bisspark, Плавјански вели дека ќе им се даде нова можноста на стартапите, кои се многу важни за развојот на индустријата, посебно софтверската. Програмите на Мајкрсофот досега ги користат 40 стартап компании во Македонија. За следната година се најавува Мајкрософот иновациски центар.
Потпретседателот на Мајкрософт, Макри, ќе има средби и со потпретседателот на Владата и минстер за финансии Зоран Ставрески и со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.