Груевски: Целта е да имаме нови генерации со посилно знаење
Ќе се слушнат сите мислења за оценувањето на студентите. Целта е да имаме нови генерации со посилно знаење и креативност, изјави денеска премиерот Никола Груевски по одбележувањето 13 години од основање на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово.
- Размислувањата што ги сподели Владата со јавноста во правец на подобрување на знаењето и квалитетот во високото образование се мотивирани за да се помогне на студентите, младите луѓе да добијат диплома со знаење кое што ќе им помогне во животот понатаму, изјави Груевски.
Тој смета дека намерите се добри, но секако, вели тие нема да се спроведат се додека не се направи една широка дебата во која ќе бидат вклучени студентите. - Тие веќе се вклучени, затоа што Министерството за образование организираше такви настани, како со студентите така и со професорите. Ќе бидат вклучени сите можни фактори и од тој аспект ќе се слушне секое мислење и внимателно ќе се анализира, додаде Груевски.
Премиерот истакна дека студентите имаат право на различно мислење и право на протест и посочи оти тоа го почитува. Она што е значајно, посочи, е дека сега сме во фаза на јавна дебата, се слушаат сите мислења по ова прашање.
- Не е точно, како што се појавија некои шпекулации, дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит во втора година, рече Груевски, појаснувајќи дека ќе има можност секој да полага онолку пати се додека не положи.
Нам целта ни е, вели, ако некој дошол до преодна оценка без знаење да биде натеран да научи. - Тоа е единствената цел, нагласи премиерот Груевски.
Според него, доколку се донесе законот тој ќе важи за студентите кои ќе се запишат допрва на факултет. Во фаза на јавна расправа, како што рече, е целата работа, Министерството за образование и наука внимателно и темелно ја спроведува оваа јавна расправа, се слушаат сите мислења, се прават анализи, споредби.
- Сакаме да помогнеме да имаме нови генерации со посилно знаење и со поголема креативност, луѓе кои пред се за себе ќе си обезбедат подобри услови, а секако со поголемо знаење ќе бидат позначајни и за самото општество затоа што ќе имаат поголем придонес во него, изјави Груевски.