Mинистерот Tодоров го почна петдневниот мониторинг на битолската клиничка болница
Министерот за здравство Никола Тодоров придружуван од најблиските стручни соработници, денеска го почна петдневниот мониторниг на Клиничка болница-Битола.
На денешната прес - конференција Тодоров посочи дека е задоволен од првата слика што ја воочил во Клиничката болница и оти во наредните пет денови ќе бидат анализирани сите актуелни проблеми и потреби на таа здравствена установа.
- Тука сме за да ја видиме реалната претстава за тоа како се одвиваат процесите и дали тие се вршат согласно правилата, како и за тоа во кои сегменти е можно подобрување во начинот на функционирање. Во рамки на посетата се содржани два аспекти, првиот е организациски за кој се задолжени експерти од областа на правото, финансиите, ревизијата, сметководството и менаџментот на болницата, додека вториот сегмент е поврзан со еминентни доктори и професори кои треба да придонесат за подобрување на медицинскиот аспект на функционирање на Клиничка болница-Битола, истакна министерот Тодоров.
Од денеска до петок министерот за здравство Тодоров заедно со своите соработници и домаќини ќе ги анализираат состојбите во сите медицински оддели на Клиничката болница, ќе бидат во постојано заседание и ќе донесуваат мерки и заклучоци во зависност од приоритетите и реалните проблеми на ресурсите во оваа јавна здравствена установа.
- Не би сакал да најавам драматични промени, но важно е што креираме еден нов начин на размислување и донесување одлуки. Еден од проблемите на македонското здравство се „стареењето“ на стручниот кадар и многуте волонтери, и за тој генерален проблем треба системско решение за сите јавни здравствени установи во Македонија. Се обидуваме во Битола да донесеме решение на краток рок за зајакнување на медицинскиот кадар, посочи министерот за здравство Никола Тодоров.