Специјалистите од Клинички центар ќе добијат уште две зголемувања на платата
Докторите-специјалисти на универзитетските клиники ќе добијат зголемување на ноемвриската плата за 9,6 отсто (која ќе биде исплатена во декември) и на мартовската плата за 9,6 отсто (која ќе биде исплатена во февруари). Ова е одлука на Владата и Министерството за здравство донесена како резултат на заштедата од речиси 6 милиони евра, постигната во најголем дел на универзитетските клиники со последната спроведена централизирана набавка на лекови за јавните здравствени установи со овозможен паралелен увоз.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека станува збор за вкупно зголемување на платите на докторите-специјалисти од над 24 отсто, во кои се влезени 4 отсто кои веќе ги добија како зголемување со исплатата на октомвриската плата. Посочи дека доколку се земе предвид и ова зголемување, значи во овој период платите на докторите-специјалисти од клиниките се зголемуваат за над 24 отсто.
- Овие средства порано одеа во џебовите на неколку поединци или во неколку компании. Ние донесовме одлука да се спротивставиме на ова и како резултат на тоа направивме заштеди и одлучивме тие да завршуваат кај оние кои на своите плеќи го носат здравствениот систем, а тоа се докторите специјалисти кои работат во клиниките во Скопје, рече Тодоров.
Нагласи дека изминатите неколку години постојано водат конзистентна и принципиелна битка со цел овозможување заштеди на здравствениот систем кои се добиваат како резултат на овозможување нови современи политики, воведените централни набавки и паралелениот увоз на лекови.
Заштедените средства се користат за набавка на нова медицинска опрема за јавните здравствени установи, спроведување обука на кадарот, воведување на нови методи во работата, односно целокупно унапредување и зајакнување на капацитетите на јавните здравствени установи.