Владини препораки во врска со загадувањето на воздухот во Скопје
С О О П Ш Т Е Н И Е
Владата на Република Македонија на вчерашната седница расправаше во врска со зголеменото ниво на загаденост на воздухот во Скопје. Со цел подобрување на квалитетот на воздухот во градското подрачје, Владата препорача Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје да ја разгледаат можноста од ограничување на сообраќајниот режим, особено на оние пунктови каде нивото на загаденост е највисоко.
Воедно, Владата препорача да се утврди и квалитетот на горивата на моторните возила и на индустриските капацитети, кои исто така допринесуваат за зголемувањето на нивото на загаденост на воздухот. Притоа, Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање, да изврши контрола на емитувањето на штетните гасови на одредени индустриски објекти и за добиените резултати да информира на наредната владина седница.
Со цел заштита на здравјето на населението поради зголеменото количество прашина во воздухот, Владата препорача ограничено движење и активности на отворен простор на децата, старите лица, болните од хронични болести на белодробниот и срцево-садовиот систем со посебен ризик за болните од белодробна астма, но и за лицата кои својот професионален ангажман го вршат на отворен простор во загадените зони на градба.