Министерот Самак ја посети Индустриската зона „Жабени“
Министерот без ресор Веле Самак во придружба на градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денеска ја посети и разгледа Индустриската зона „Жабени“ која се наоѓа во непосредна близина на македонско-грчката граница.
- Цел на посетата е на терен да се уверам какви се состојбите во оваа индустриска зона и со каква владина поддршка можеме да продолжиме. Се информирав за подготовката и градежните активности што треба да ги изврши компанијата „Кронберг и Шуберт“ од Германија, бидејќи во последните неколку недели завршија сите административни процедури околу нивната инвестиција, одобренија и договор за државна помош, изјави министерот Самак.
Очекуваме, нагласи, во наредните неколку недели договорот официјално да биде потпишан.
- Со тоа оваа најголема инвестиција во Македонија по однос на очекуваниот број на вработувања, околу 2.500, ќе има големо значење за цел регион, за Битола, за Прилеп и другите општини, истакна министерот Самак.
Тој потврди дека надлежните направиле се инвестицијата на „Кронберг и Шуберт“, која се движи меѓу 20 и 25 милиони евра, да не ја заобиколи нашата држава бидејќи станува збор за солидна можност за нови вработувања.