Попоски:Да го вратиме кредибилитетот на проширувањето на ЕУ, дозволете Македонија да преговара
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, на годишното обраќање пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент побара да се прифатат шесте последователни препораки на Европската комисија за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија со цел да се врати кредибилитетот на процесот на проширување на Унијата.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски заедно со неговите колеги од Албанија, Дитмир Бушати, Црна Гора, Игор Лукшиќ, претседателот на црногорскиот парламент, Ранко Кривокапиќ, шефот на дипломатијата на Косово, Енвер Хоџај, на Србија, Ивица Дачиќ и на Босна и Херцеговина, Златко Лагумџија, настапија пред европратениците, но и претставници на националните парламенти на земјите-членки на ЕУ.
Претседателот на АФЕТ, Елмар Брок, пред почетокот на излагањата на министрите, истакна дека ЕП ја поддржува солунската агенда од 2003 година согласно која сите земји од Западен Балкан треба еден ден да станат членки на Унијата. Според Брок, земјите од овој регион и припаѓаат на ЕУ и ако сакаат да станат членки на Унијата, Европарламентот ќе им помогне во тоа, на дипломатски, финансиски план и во сите други случаи.
На почетокот на своето излагање пред Комитетот за надворешни работи на ЕП, македонскиот шеф на дипломатијата посочи три точки на кои треба да се посвети внимание, а тоа е контекстот во однос на Солунската агенда на ЕУ и големото охрабрување за сите на Балканот дека процесот на проширување не е заборавен и оти треба да се придржуваат кон начелата.
Како втора точка, министерот Попоски го спомена националниот контекст, а тоа е дека Македонија потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација (ССА) со ЕУ во 2001 година, стана земја-кандидат во 2005 година и доби прва препорака за почеток на пристапните преговори во 2009 година, која оттогаш шестпати е повторена од страна на Европската комисија, но истата Европскито совет и земјите-членки не ја прифаќаат.
Попоски како третањ точка го наведе политичкиот контекст на ЕУ, а тоа е дека наредните пет години нема да има проширување, што според него не е драматично оти толкав период е потребен за кандидатите да го надокнадат она што им недостасува и пред се економски да ја стигнат Унијата.
- Во моментов Македонија е фокусирана на тоа што Еврокомисијата го дефинира како Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД), што ни одговара, бидејќи се фокусира на клучните поглавја 23 и 24, што се однесуваат на правосудството, медиумите, транспарентноста, рекламирањето, политичките односи, политичката кутура, внатрешните односи меѓу актерите и препораките на ОБСЕ. Имаме и посебно поглавје кое се нарекува добрососедски односи, што не значи дека немаме добри односи со соседите, кои мислам дека ни се одлични, истакна Попоски.
Според министерот за надворешни работи Попоски, со сите соседи кои не се членки на ЕУ, но и со Бугарија, Македонија има добра размена на информации и комуникација и добро се разбира. Но, според него, причината зошто земјата го има ова поглавје е Грција и прашањето за името. Сепак, Попоски истакна дека и односите на Грција и Македонија се одлични од економски поглед, дека голем дел од компаниите на берзата во Скопје се од Грција, а постои и многу добра трговска размена со Грција,а секој втор Македонец го минува летниот одмор кај јужниот сосед. Тој рече дека политичкиот контекст е поинаков и треба да има поголем ангажман кој сега недостасува за да се надмине проблемот.
Во однос на реформите во Македонија, Попоски го посочи напредокот на земјата на „Дуинг бизнис” на Светска банка, напредувала и се наоѓа на 30. место во светот.
- Се приближуваме кон исполнување на критериумите од Мастрихт кога станува збор за дефицитот, а имаме и мала задолженост и сме на второ место во Европа сме според стапката на економски раст. Сепак, секоја наша земја има помалку од 50 проценти на БДП по глава на жител во однос на просекот на ЕУ и треба да го стигнеме европското ниво. Најважно, според мене е да го вратиме кредибилитетот на овој процес и од кандидати и потенцијални кандидати се очекува да постигнуваат конкретни резултати. Можеме да почнеме преговори за членство и со тоа да ни се овозможи временски период да се прилагодиме на тоа Европа што го оечкува од нас, порача на крајот од својот говор министерот Попоски.
Тој побара да се поддржат преговорите како инструмент што им дава на земјите-членки да се фокусираат на реформите и тоа е потребно на Западниот Балкан.
- Тука говорам за ситуацијата во Македонија. Не почнавме преговори, не затоа што процесот долго трае, туку поради тоа што нема консензус. Одредени политичари тврдат дека доколку се задржи Македонија долго во оваа состојба, дека ќе доведе до проблеми и мислам дека тоа е работа на минатото. Реалност е дека ни треба консензус и тоа е начин дека состојбата на сила е доминантна, а земја-членка може да поставува услов, што не е во согласност со принципите на ЕУ. Меѓународниот суд од Хаг одлучи дека никој нема право да наметне друго име од демоокартски избраното од страна на оваа земја. Тоа не е причина да не продолжиме со засилување на инаку добри односи со јужниот сосед Грција оти имаме заедничка политичка, економска соработка и тоа е причина да работиме, истакна Попоски.
По говорот на македонскиот шеф на дипломатијата, новиот известувач за Република Македонија во Европарламентот, Иво Вајгл, посочи дека неговата група на Алијанса на либералдемократи (АЛДЕ) е во ЕП за да го поддржи процесот на проширување на Унијата. Според европратеникот од Словенија, во ЕП не се дозволуваат било-какви стравови, кога станува збор за процесот на проширување и оти нема да има црвено светло на семафорот за процесот на проширување.
- Министерот на Македонија говореше за успешните економски реформи во земјата, за стапката на невработеност и за долгот кој не е голем и сето тоа е добро. Македонија е на пат кон Европската унија и е пример за многу земји од регионот, но има и бројни проблеми. Пред се, ЕУ не беше ефикасна во решавањето на нерешените прашања и неприфатливо е Еврокомисијата веќе шест години по ред да препорачува почеток на преговорите, а тоа се уште не се случило. Прашањето за името на земјата се уште не е решено, но мора да имаме поголеми амбиции за да се реши ова прашање и верувам дека новата Висока претставничка за надворешна политика на Унијата Федерика Могерини ќе има поголеми амбиции во таа смисла, истакна Вајгл.
Според словенечкиот европратеник, ЕУ најверојатно ќе може прашање да го реши наметнатото прашање за името и дека треба да го реши, според него, барем делумно, со тоа што Македонија ќе почне преговори, а пред тоа да не мора да го реши прашањето за името. Тој додаде дека ЕУ треба да почне преговори со Македонија, иако, според него, земјата има некои проблеми, пред се да изврши реформа на правосудството, да се подобри слободата на медиуми и да го спроведе Охридскиот договор.
- Најголем проблем е опструкцијата во парламентот и двете страни таму треба да сфатат дека се одговорни за иднината на земјата. Како Владата, така и опозицијата, треба на себе да превземат дел од таа одговорност. Така функционираат европските земји, така треба да функционира и Македонија. Поради нивната неефикасност, земјата е соочена со политички проблеми, додаде европратеникот Вајгл.
Неговиот словенечки колега во Европарламентот, Алојз Петерле, пак, предупреди дека за Европската унија не постојат опасности во однос на Босна и Херцеговина и Македонија, посочувајќи дека Унијата не би требало да направи нешто со што ќе го спречи процесот на интеграција на двете земји, оти, како што рече, други земји ќе направат нешто повеќе да ги привлечат овие земји на своја страна и затоа е потребна синергија.
- Како претставник на Европските конзервативци и реформисти, сакам само да порачам дека ни е жал што Македонија веќе шест години не може да ги започне преговорите, додаде британскиот европратеник Чарлс Тенок.
Потпретседателот на АФЕТ-групата во ЕП, Андреј Пленковиќ (ЕПП, Хрватска), посочи дека се надева дека Унијата ќе почне преговори со Македонија.
- Се надевам и дека во парламентите на Македонија и Албанија ќе има поголемо партиципативно учество и тоа ќе даде кредибилитет на нивната работа, посочи Пленковиќ.
Неговиот словачки колега, Едвард Кукан, додаде дека мора повторно да постои чувство кај земјите од Западен Балкан да најдат решение на проблемите и позитивно да влијаат на процесот на интеграции.
- Загрижува бојкотот на парламентот во Македонија, таму е влошена ситуацијата, поради внатрешната фрустрација во земјата и тоа не е само билатерален, туку и европски проблем, истакна Кукан.
Бугарскиот европратеник од бугарската партија ВМРО на Красимир Каракачанов, Ангел Џамбаски, стандардно за него “алармираше” за некакви притисоци врз национални малцинства во Македонија, но и на Косово и во Србија.
Она што импресионираше е што речиси сите говорници денеска во преполната сала на Европскиот парламент ја условуваа нашата земја со нејзиното уставно име - Република Македонија. Единствен исклучок беа неколку грчки европратеници, според кои за Македонија, ЕУ испраќа мешани пораки кон Скопје и мора да биде јасна во однос на прашањето за името и истото, според нив, да не се користи како алиби за недостаток на реформи. Грците побараа и останатите да не ја условуваат нашата змеја со Република Македонија, туку со ФИРОМ.
Од говорите на останатите пет министри на земјите од Западен Балкан, речиси сите ја истакнаа јасната перспектива на регионот за интеграција во Европската унија во ЕУ и желбата тоа да се случи најрано што е можно.