Ѓорѓиев: Саемите за вработување ја погодија целта, вработени околу 160 лица
Над 70 компании од различни дејности в четврток ќе ги претстават профилите на потребниот работен кадар на Саем за вработување во Битола.
Саемот, што ќе се одржи во Битолскиот театар од 11 до 14 часот, е продолжение на активностите на Агенцијата за вработување за организирање средби на работодавачите и лицата кои бараат вработување. Досега се одржаа саеми во Скопје, Штип, Неготино, Струмица и Охрид. По Битола се планира организирање саем за вработување и во Куманово до крајот на годината.
- На организиран начин ќе дојде до средба на работодавачите кои имаат потреба од ангажирање работници и на лицата коишто бараат работа, невработени или лица кои се вработени, а сакаат да се вработат на друга работна позиција. Ќе биде добра можност да ги разменат своите видувања и идеи, работодавачите да ги претстават профилите на работен кадар којшто им е потребен за ангажирање во работен однос, а лицата кои бараат работа да увидат дали со своето образование и вештини можат да влезат во рамки на бараниот профил на работен кадар, изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Во тек на Саемот за вработување, најави, ќе се одржи и средба на претставници од институции и работодавачи од Битола на која ќе ги слушнат и нивните идеи, предизвици и предлози, како и нивните погледи во однос на димензионирање на новиот оперативен план за активни мерки и вработувања, кој ќе стапи во сила од следната година.
Ѓорѓиев информира дека по одржаните саеми за вработување, според обработените податоци на Агенцијата за вработување, досега се остварени контакти и се дадени над 9.500 поднесоци, а со 2.500 лица работодавачите најавиле дека ќе остварат интервјуа. Благодарение на саемите за вработување во Скопје, Штип и Неготино се вработиле околу 160 лица.
- Имајќи предвид дека има уште добар дел од лицата, околу 2.000, кои ќе бидат повикани на дополнителни интервјуа и оти допрва треба да се обработат и податоците од саемите во Струмица и Охрид, цениме дека тој број ќе расте, што е добра вест и дава гаранција оти оваа форма на организација на средби помеѓу работодавачи и работници ја има погодено својата цел и остварува позитивни резултати, рече Ѓорѓиев.
До крајот на годината ќе биде одржан и Саем за вработување во Куманово.