Клинички центар ќе произведува струја и греење за сопствените потреби
Владата на последната седница донесе одлука за почнување постапка за изградба на когенеративна електрична централа за производство на струја и топлинска енергија, со цел снабдување на комплексот клиники „Мајка Тереза“ со електрична и топлинска енергија. Станува збор проект кој ќе се реализира во претстојниот период и кој се надоврзува на спроведената гасификација на комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека со изградбата на постројката имаат направено проценка дека ќе се заштедат дополнителни 10 милиони денари годишно, кои, како и сите останати кои се остваруваат како резултат на заштеди, ќе бидат инвестирани во инфраструктура, нова опрема, односно за севкупно подобрување на функционирањето на здравствениот систем.
Со изградбата на когенеративната постројка, посочи министерот, комплексот клиники „Мајка Тереза“, ќе добие сопствен, независен извор на електрична и топлинска енергија, односно сами ќе си ја произведуваме електричната и топлинската енергија неопходна за функционирање на клиничкиот комплекс.
- Одлуката за почнување на постапката е донесена, се очекува да заврши во период од пет до шест месеци по што ќе почне изградбата на постојката која ќе биде сместена кај котларата. Когенеративната електрична централа ќе почне со работа во период од една година од сега. Неколку болници кои ги посетив во САД имаа токму ваков начин на користење електрична и топлинска енергија затоа што тој овозможува прво заштеда, е сопствен извор и е еколошки, рече Тодоров.
Појасни дека изградбата на когенераторската постројка ќе биде со воспоставување јавно-приватно партнерство, при што критериумот за доделување на договорот за ЈПП на приватен партнер ќе биде најниско понудена цена за топлинска енергија и електрична енергија испорачана од котлара/когенерација изразени во проценти од постојната цена.
Почетните цени што ќе бидат предмет на негативно наддавање, нагласи министерот, треба да бидат: за топлинска енергија испорачана од котлара/когенерација минимум 5 отсто пониска од сегашната цена од 4,01 денари за киловат час (утврдена врз основа на сегашните трошоци за производство на топлинска енергија), а за електричната енергија произведена и испорачана од когенеративната постројка за 5 отсто пониска од постојната цена од 6,33 ден. за киловат час која се плаќа на ЕВН, т.е. од цената која важи во моментот на производство (освен ако не дојде до промена на цената од страна на Регулаторната комисија).
- Ова значи дека доколку дојде намалување на цената во тој случај ќе плаќаме цена за електрична енергија за најмалку пет отсто пониска од новата намалена цена. Во наредниот период од 15 години во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ ќе плаќаме за електрична или топлинска енергија најмалку пет отсто пониска цена од цената која ќе биде на пазарот. После истекот на периодот од 15 години когенеративната постројка треба да биде и претходно целосно ремонтирана и да биде предадена во сопственост на државата. На овој начин ќе се обезбедат околу 98 отсто од годишните потреби за електрична енергија, а многу мал дел (околу 2 отсто) ќе се набавува на пазарот на електрична енергија, истакна Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека изградбата ќе чини 1,9 милиони евра, а оперирањето годишно на постројката ќе чини околу 2,5 милиони евра, посочи Тодоров.
Тој потенцира дека од ноември 2013 година клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ се затоплува на гас, а досега за целиот период (декември 2013 – ноември 2014) се евидентирани вкупни заштеди над 40,4 милиони денари. За споредба, укажа, во периодот од декември 2012 година до ноември 2013 година за затоплување со мазут се потрошени 125 милиони денари, а за периодот од декември 2013 година до ноември годинава за затоплување на гас се потрошени над 85 милиони денари.
- За месец јануари 2013 година за затоплување со мазут се потрошени речиси 20 милиони денари (19.940.081 денари), а во јануари годинава по извршената гасификација се потрошени над 14 милиони денари, со што заштедата изнесува над 5,5 милиони денари. За месец март ситуацијата е слична, и заштедата изнесува околу 5,5 милиони денари. За ноември заштедата е најголема и изнесува над 6,7 милиони денари, додаде министерот Тодоров.