Груевски најави нова американска компанија со 400 вработувања
Договорено е потпишување нова инвестиција со американска компанија во Технолошката-индустриска развојна зона Скопје, во вредност од 18 милиони евра и минимум 400 директни вработувања, најави денеска премиерот Никола Груевски на обраќањето на Годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
- Наскоро, на 19 декември, ќе потпишеме нова инвестиција со позната компанија од САД и во светот за воздушни перничиња, со мошне висока технологија. Ќе има минимум 400 директни вработувања, а инвестицијата е од 18 милиони евра, истакна премиерот Груевски, додавајќи дека на ова се работело речиси три години.
Тој изрази надеж дека до Нова година ќе биде во можност да објави уште најмалку една голема инвестиција во еден од поголемите градови во внатрешноста, каде, како што рече, досега не е изградена нова фабрика, а на што деновиве многу се работело и е во завршна фаза на реализација.