ФИНЕКСПО 2011 на Скопски саем
На Скопски саем денеска и утре се одржува 9. Меѓународен саем за финансии, деловни можности и економски развој ФИНЕКСПО 2011 на кој учествуваат поголемите комерцијални банки во земјава, Управата за јавни приходи, осигуренителни компании, инвестициски фондови и софтверски куќи.
Саемската манифестација официјално ја отвори вицепремиерот и министер за финансии, кој истакна дека ваквите саеми се можност да се презентираат состојбите, да се идентификуваат евентуалните проблеми и да се разменат идеи како заеднички да се надминат.
- Република Македонија како мала и отворена економија е под силно влијание на глобалните случувања, но сепак таа успешно се справи со предизвиците на светската економска криза и остана ниско задолжена земја со стабилни и здрави макроекономски основи, истакна Ставрески, додавајќи дека макроекономската политика за наредната година се темели на тековната економска состојба во земјата и на проценките за економските движења во Европа и светот.
Во претстојниот период, истакна министерот, се очекува да продолжи нагорниот тренд на економска активност и задржување на дефицитот на ниско ниво до 2,5 проценти од БДП.
- Во годините што следат, се очекува забрзување на глобалниот економски раст и постепено јакнење на довербата на инвеститорите, што ќе доведе до интензивирање на надворешно-трговските и финансиските текови на земјата, рече Ставрески.
Во однос на банкарскиот сектор, посочи дека тој остана добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот двојно повисока од законски пропишаното ниво, а подобрен е и квалитетот на кредитното портфолио преку намалување на учеството на нефункционалните во вкупните кредити. Изворите на финансирање се стабилни со доминација на домашните депозити, а од друга страна здравиот банкарски сектор преку зголемената кредитна актвиност го поддржа развојот на реалниот сектор.
- Владата на Република Македонија, во рамки на своите можности и надлежности, го поддржува, и во иднина ќе го поддржува стабилниот развој на банкарскиот сектор. Во таа смисла Владата преку Минитерството за финансии, а во соработка со банките во следните четири години ќе реализира два проекта со цел да им помогне на граѓаните на кои не им е решено станбеното прашање и немаат сопствен дом и живеалиште.Двата проекта се пола:пола рата за првите пет години и 50 отсто учество за купување стан односно изградба на куќа, потенцира министерот за финансии.
Тој додаде дека пазарот на капитал и натаму остана најчувствителен сегмент на финансискиот систем кој се уште директно ги чувствува последиците од светската финансиска криза, а во однос на осигуреителниот сектор потеницра дека тој и натаму задржува мало учество на пазарот.
Стврески потенцира дека ресорното Минситерство ќе продолжи будно да ги следи движењата и состојбите во нашта економија и во окружување и ќе продолжи со силна посветеност да работи на чување на стабилноста на јавните финансии и финансискиот сектор.
Организатор на годинашното издание на оваа саемска манифестација е Скопски саем, а покровител Министерството за финансии на Република Македонија.
Во рамки на ФИНЕКСПО 2011 година ќе се одржат и неколку трибини. По официјалното отворање денеска се одржа Тркалезна маза на тема „Актуелни состојби во финансискиот сектор и нивното влијание врз развојот на реалната економија“
Утре, според програмата, ќе се одржи трбина на тема „Предизвиците на друштвата за осигурување во однос на нивното место и улога во финансискиот систем во Република Македонија во организација на Скопски саем и Стопанска комора на Македонија, како и обуки за „Е-даноци-електронско пријавување на даноци“ и „Промоција на електронски јавни аукции на УЈП“ организирани од Управата за јавни приходи и трибина на тема „Предизвиците на друштвата за осигурување во однос на нивното место и улога во финансискиот систем во Република Македонија“.