Тодоров: Ќе се изврши комплетна реконструкција на сите болнички амбуланти во битолската Клиничка болница
Министерот за здравство Никола Тодоров, на вториот ден од мониторингот на Клиничката болница во Битола соопшти дека констатирал проблеми во сите болнички амбуланти.
Тој информира дека Министерството за здравство објавило меѓународен тендер за набавка на 80 амбулантни возила за потребите на здравствените установи во државата.
На прес-конференцијата во битолската Клиничка болница, Тодоров истакна дека од денеска до петок ќе се изврши комплетна реконструкција на сите болнички амбуланти бидејќи, подвлече, забелешките од пациентите биле најголеми во тој сегмент на болницата.
- Објавивме тендер за набавка на 80 амбулантни возила кои што ќе бидат целосно и современо опремени налик на подвижна болница кои ќе бидат распределени на цела територија во државните здравствени установи. Исто така од денеска до петок ќе се врши комплетна реконструкција на болничките амбуланти кои се во лоша инфраструктурна состојба. Очекуваме овој најфрекфентен простор во болницата да добие нов лик. Воедно одлучивме да се оддели амбулантата на гинеколошкото одделение од болничкиот дел, истакна Тодоров.
Министерот Тодоров и неговиот стручен тим констатирале дека во Клиничка болница-Битола има недоволна организираност во одделот за анестезиологија и дека се извршуваат помалку оперативни зафати наспроти Клиничкиот центар во Скопје.
- Констатиравме дека на Клиничкиот центар во Скопје се вршат 3 до 4 пати поголем број на интервенции по единица доктор од тоа што се врши во Клиничка болница-Битола и поради тоа се забележува долга листа на чекање за операции. Тоа ќе го промениме и ќе се обидеме да најдеме трајно решение од кое ќе произлезат повеќе интервенции и помалку пациенти на листата за чекање, истакна Тодоров.
Говорејќи за констатираните проблеми во Клиничка болница-Битола, министерот Тодоров на денешната средба со новинарите предочи дека во таа здравствена установа не постојат услови за вршење инсеминација како услов за ин-витро оплодување, патем оваа услуга е многу поскапа во приватниот сектор и вообичаено се движи и до 15.000 денари.
- Правиме големи напори да стартуваме со давање на оваа услуга која ќе чини до 1.500 денари, но ќе се овозможи квалитетна услуга за граѓаните на Битола и целиот регион, но и ќе им се обезбеди сериозна заштеда. Обезбедивме микроскоп, центрифуга и други сегменти кои верувам ќе ни овозможат до петок да објавиме дека и оваа услуга ќе се врши во Клиничката болница-Битола, истакна Тодоров.
Мониторингот на Клиничка болница-Битола од страна на министерот за здравство Никола Тодоров и неговиот експертски тим продолжува и ќе заврши во петок.