Златна соба со 447 артефакти во Куќата на Робевци во Охрид
Во куќата на Робевци во Охрид, која е еден од најрепрезентативните примероци на старата градска охридска архитектура, ќе бидат сместени највредните и најблескавите археолошки движни предмети кои прикажуваат различни етапи од развојот на оваа област.
Се работи за 447 артефакти со непроценлива вредност, златни, сребрени и позлатени предмети од колекцијата на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, кои потекнуваат од 7 век п. н.е. до 19 век, кои на посетителите ќе им овозможат да го видат целиот цивилизацискиот континуитет на овие простори.
Постојаната музејска поставка „Златото на Лихнитида“ денеска ја промовираше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека се работи за исклучително значаен проект за македонската култура, резултат на долгогодишните, интензивни и мошне посветени археолошки и научни истражувања на богатството на локалитетите во охридскиот регион.
- Оваа музејска поставка претставува приказ на времето на големиот процут на античкиот Охрид, време во кое Лихнид ковал автономни монети со познатиот македонски штит. Во поставката се поместени неверојатно вредни артефакти, ексклузивни наоди, како златната маска и ракавица од локалитетот Горна Порта, златната ромбоидна плочка, златниот колан со потекло од архајскиот период, потоа златната белегзија со животински протоми од 4 век пред нашата ера, златните обетки гулабици од 3-2 век пред нашата ера од Требенишкото кале, повеќе златни обетки со лавовски и негроидни глави, златни ѓердани со полудраги камења, вреден нумизматички материјал од времето на Александар Трети Македонски и многу други артефакти кои се дел од македонската археолошка ризница, рече Канческа-Милевска.
Нагласи дека овие артефакти се докази за нашата историска присутност, но и за креативната надареност која отсекогаш била одлика на цивилизациите кои се вкрстувале на ова тло.
Сите експонати кои се дел од „Златната одаја“ се презентирани и стручно обработени во репрезентативен каталог, насловен „Златото на Лихнитида“, кој денеска го промовираше академик Вера Битракова-Грозданова.
Авторите на каталогот, Паско Кузман и Нада Почуча-Кузман, на повеќе од 300 страници низ текст и фотографии, со аргументи и факти научно ја овековечуваат историјата на вредните предмети.
- Секој археолог кога во ископувањата ќе открие нешто нов, многу се радува, но кога ќе се откријат златни предмети - тоа навистина претставува огромна радост. Не поради тежината на златото која може да биде и минимална, туку поради пораката којашто тие предмети на трајноста ни ја оставаат. Познато е колку желбата за китење со накит во човековата преокупација зазема значајно место. Златото го отсликува животот на едно време, моќта, благостостојбата, економијата, трговијата и релациите со подалечните простори и цивилизации. Тоа има и други пораки како материјал на трајноста и вечноста. Затоа прапретците од Требеништа беа погребувани со златни маски, покриени со златни листови, златни ракавици и накит како херои кои треба да останат да живеат во вечноста, изјави академик Битракова-Грозданова.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека постојаната музејска поставка во Куќата на Робевци ќе биде од големо значење не само за развојот на културата, туку и за туризмот на градот.
- Ако еден жител на Париз ја чувствува Ајфеловата кула или музејот Лувр како свои препознатливи објекти, тогаш Златната одаја во Охрид е добра можност, препознатливата куќа на охридската фамилија Робевци во иднина да ги отвори своите врати за бројните гости и туристи, рече Бакрачески.
Министерката за култура Елизабета Канчевска-Милевска потсети дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура во текот на изминатиот период реализираа низа капитални инвестиции за зачувување на вредното културно наследство кое го поседува Охрид и за негова меѓународна промоција.
- Го изградивме Музејот на вода преку кој покажавме како една инвестиција од областа на културата може да биде и економски исплатлива, ја реконструиравме и обновивме Куќата на Уранија која стана нов научен центар на МАНУ во кој редовно се организираат голем број симпозиуми и промоции, го ревитализиравме локалитетот Манчевци, на Плаошник интензивно го градиме Светиклиментовиот универзитет. Соодветно ја заштитивме старата градска охридска архитектура. И „Златната одаја“ која денеска ја промовираме е дел од нашиот исклучително значаен проект за отворање нови музејски поставки и обнова на постојните збирки кои го прикажуваат културното богатство на целата територија на Република Македонија, рече Канческа-Милевска.
Таа најави и дека со поддршка на Министерството за култура и со донација од Турската агенција за поддршка на културното наследство ТИКА наскоро целосно ќе се обнови и ентериерот во Куќата на Робевци, во кој ќе биде претставена и реконципирана поставка посветена на животот на ова старо охридско семејство.