Груевски: Продолжуваме со исполнување на ветеното
Традиционалниот предновогодишен состанок на коалиционите партнери „За подобра Македонија“ предводени од ВМРО - ДПМНЕ денеска завршил со уверување дека како и оваа година и следната треба да се продолжи да се исполнува тоа што им го ветиле на граѓаните во нивната програма пред изборите, но и во владината програма, затоа што тоа е нивна обврска.
Како што изјави по средбата премиерот и лидер на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски, тие таа обврска ја преземале и треба да ја испорачаат, исто како што ја испорачуваа во изминатиот период.
- Испорачавме во овој период значаен дел од обрските кои ги преземавме, некои од нив и порано отколку што ги ветивме и така ќе продолживме и во иднина. Разговаравме и за други теми од различен карактер. Предизвици и проблеми има и ќе има, но имаме и напредок во решавањето во голем дел од овие проблеми, рече Груевски
Тој појасни дека на состанокот биле сумирани работите од изминатата година и ги антиципирале работите за дејствување во следната година.
- Оценивме дека годината е прилично успешна за оваа коалиција. Добивме една од најголемите победи што досега сме ги имале како коалиција.Тоа е всушност победа со најголем број освоени гласови во нашата историја како коалиција, така што од тој аспект можам да кажам дека имавме успешна година, истакна премиерот Груевски.
И во делот на економијата оваа година била оценета за успешна.
- Оваа година очигледно е дека ќе завршиме со втор највисок раст на економијата во Европа веднаш после Велика Британија. Година во која што се намалува невработеноста и енормно расте извозот. Растат и девизните резерви со стапка од 22 отсто за една година, така што од економски аспект можам да речам дека работите одеа во една позитивна насока, истакна претседателот на Владата на Република Македонија.
Тоа не значи, посочи, дека сите проблеми се решени и оти немаме уште за решавање, но имавме година, рече Груевски, во која што се одеше напред и се решаваа доста проблеми во тој дел.
- За жал, заради кочењето од страна на нашиот јужен сосед се уште не сме во можност да ги оствариме нашите стратешки планови за членство во ЕУ и во НАТО. И на тоа поле ќе продолжиме да бидеме упорни, да работиме и да го чекаме моментот подготвени кога тоа ќе може да се оствари односно кога таа блокада на некој начин ќе биде надмината, изјави Груевски.
Разгледани биле и други прашања за гасоводите за алтернативите за Македонија по повлекувањето на идејата за реализација на Јужен поток, околу тоа кои се плановите за понатаму.
- Објаснив дека Македонија најверојатно ќе се приклучи на најмалку еден до два други гасоводни системи. Во иднина ќе бидеме поврзани и со гасоводот ТАП кој веќе започна да се реализира и некаде 2022 година треба да стигне и кај нас, и се размислува и за приклучување на интерконективниот гас кон Бугарија. Тоа се двете алтернативи, информира премиерот.
Владата, појасни, е фокусирана и на секундарната гасификација на земјата.
Гасификацијата за Скопје и околината како процедура е веќе започната и некаде во јануари Груевски очекува да се завршат тендерските процедути, потоа да се склучи договорот и да почне реализација, а некаде во текот на летото да почнат земјените работи. Неколку месеци подоцна, рече, истото ќе продолжи и во источна и западна Македонија.
Коалиционите партнери разговарале и за бојкотот од страна на СДСМ на Парламентот.
Заеднички било оценето дека СДСМ со бојкотот прави единствено штета за државата, а во голема мерка и штета на самите себе заради нивното неприсуство во Собранието.
- СДСМ нема меѓународна поддршка за ова што го прави, ниту за бојкотот, ниту за што било што е деструктивна политика. Додека ние водиме политика со која сакаме да придонесеме за државата, да се отворат повеќе работни места, да се донесат повеќе странски инвестиции да се решат повеќе проблеми, тие се закопани во ровови со деструктивна политика на бојкот, на деструктивна политика на некакви црни сценарија, на манипулација, на клевети итн.., а тоа не е добро за земјата. Добро е да имаме здрава опозиција којашто ќе нуди алтернативни решенија на реална основа, добро пресметани, добро обмислени, за кои ќе може здраво да се дискутитра во државата, изјави по средата премиерот Никола Груевски.
Запрашан да ја коментира денешната изјава на лидерот на опозицијата Зоран Заев, премиерот рече дека разликата меѓу опозицијата и владејачките партии е што тие зборуваат за негативни сценарија, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за инвестиции.
- Има една народна шега, вели кој за што учел. Тој зборува за бомби, за бојкоти за негативни сценарија. Ние зборуваме за инвестиции, за нови работни места, за нови компании во Македонија, решавање на проблеми, за одење напред, тоа е разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија, рече Груевски.