Груевски: Парите од социјалните придонеси од хонорарците се за поголеми пензии и поефикасно здравство
Парите од социјалните придонеси што хонорарците треба да ги плаќаат од први јануари идната година ќе овозможат повисоки пензии и поефикасно здравство, истакна премиерот Никола Груевски.
Во интервју на телевизија Канал 5 Груевски рече дека со ваквата мерка ќе им се помогне на луѓето кои работат како хонорарци, а не им се плаќа стаж.
- Има луѓе што по 10 години работат како хонорарци и немаат еден ден работен стаж. Со ова ќе им се помогне на тие луѓе. Ќе се даде можност за докуп на стаж, можност доколку на некој му фали една или две години да може да докупи стаж, рече Груевски.
Со плаќањето на овие социјални давачки, тој појасни дека придонесите ќе одат во пензискиот фонд и еден ден тие што сега ќе ги платат ќе имаат повисока пензија. Плаќање на придонеси на хонорарите имаме и во Германија, Австрија, Чешка, Полска, Словачка, Италија, Хрватска, односно во 95 отсто од земјите во Европа, можеби три-четири земји сеуште не вовеле таква мерка.
- Некои луѓе може да останат без пензија, ако не им се плаќа пензиски надомест. Тие што имаат вработување, а земаат хонорар ќе имаат повисока основица, односно поголема пензија. Дел од средствата ќе одат во Фондот за здравство, со кои ќе се набавува дополнителна опрема, ќе се зголемуваат плати на лекари, ќе се зголемуваат инвестициите во здравството, ќе се подобрува лекарската грижа за луѓето, рече Груевски.
Премиерот ги отфрли обвинувањата дека Владата ги зема за нешто друго овие пари, дека со нив ќе се прават фасади или ќе се инвестира во нешто што некој не го посакува.
- Директно придонесите одат во Пензискиот фонд и во Фондот за здравство, односно за идни пензии и за инвеситии и подобрување на здравстевниот систем, нагласи Груевски.
Оваа мерка, додаде, ја има секаде во Европа, каде придонесите за хонорарците изнесуваат над 30, 35, 50 отсто и во сите држави ја плаќаат, освен во три четири, додека кај нас се 27, што според премиерот е едно од најниските во Европа.
- Моето прашање е зошто во сите држави да ја има, а кај нас не треба да ја има. На овој начин се обесхрабруваат или спречуваат дел од работодавците да избегнуваат создавање работен однос на многу луѓе, кои се ангажирани хонорарно со цел да се избегне плаќањето на пензиско и здравствено осигурување. Данок се плаќа и сега, 10 отсто персонален, не се плаќа само пензиското и здравственото,истакна Груевски.
Тој потсети на воведувањето на ДДВ-то и фискалните каси, време кога беше министер за финансии.
- Ова многу ме потсеќа на едно друго време кога бев министер за финансии го воведов ДДВ-то незнам какви се не гласини се раширија дека ќе пропадне системот, државата, буџетот, дека ова не треба, дека не е реформа туку анти реформа... Денеска сите најдобро зборат за ДДВ-то. Истото беше и со фискалните каси во 2002 година. Не само што беа протви нив туку и протестираа пред Министерството за финансии. На крајот се воведоа фискалните каси, луѓето излегоа од Македонија гледаат секаде има ДДВ и фискални каси. Последна држава беше Србија после нас, сега секаде има ДДВ и фискални каси, нема земја во Европа што го нема тоа, додаде Груевски.