Интерес кај компании за концесија и градба на автопатот Кичево - Гостивар
Изградбата на автопатиштата се одвива согласно предвиденото и во источна и во западна Македонија, оцени премиерот Никола Груевски.
На гостувањетово вестите на телевизија Канал 5 истакна дека за изградба на автопатиштата ангажирани се 1.500 работници, од кои дури 1.100 се од Македонија и голема градежна механизација, најголем дел - околу 80 отсто од македонски компании.
- На автопатот Скопје - Штип има 215 машини што се ангажирани, од кои 174 се од Македонија. На другиот дел од 190 машини 182 се од македонски компании. Тоа влијае на вработеноста, а долгорочно ќе влијае многу и на комуниакциската поврзаност помеѓу регионите, истакна Груевски.
Значајно, според него, е што и за следната година се планираат голем број активности на ова поле.
- Кон средината на следната година ќе почне изградбата на експресниот пат Штип-Кочани, потоа градбата на експресниот пат Градско-Прилеп, а кон крајот на идната, најдоцна на почетокот на 2016 година ќе почне изградбата и на автопатот Требеништа - Струга, како и експресниот пат од Охрид до Пештани, рече Груевски.
Премиерот информира дека имаат начелна согласност од крупна меѓународна компанија која посочила дека ќе се јави на престојниот оглас што ќе биде објавен за изнаоѓање на концесионер за автопатот Кичево-Гостивар.
- Доколку ги прифатат условите, кои засега според компанијата се согласни, во Македонија ќе има изградба на уште една скапа автопатска делница, пдовлече Груевски.
Тој посочи дека и понатаму продолжуваат да работат на изградба и реконструкција на помалите регионални и локални патишта.