Пуштена во употреба детска градинка во Истибање
Во виничкото село Истибање е пуштена во употреба детска градинка во која за почеток ќе бидат згрижени 40 деца.
Градинката е сместена во просториите од некогашниот Дом на културата и во неа се инвестирани над четири милиони денари обезбедени од Министерството за труд и социјална политика.
- Изминатата година го отворивме првиот објект како резултат на инвестицијата на Министерствтото за труд и социјална политика во Трсино. После една година се отвора и втор објект во уште едно рурално населено место. Со овој проект значително се зголемува капацитетот за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Имаме интензивна соработка со општината во реализација и на други проекти и набрзо во завршна фаза е реализацијата на проектот „Отворање на дневен центар за стари лица”, изјави Спасов.
Тој посочи дека изминатиот период интензивно се работи на зголемување и проширување на капацитетите на детските градинки и во тој контекст истакна дека во источна Македонија се градат градинки во општините Чешиново-Облешево, Карбинци, Оризари-Кочанско....
Според него, градинката во Истибање е 10 по ред што е пуштена во употреба годинава, а исто така отворени се и 2 центри за ран детски развој.
Спасов информира дека уште седум објекти за детски градинки се во завршна фаза и тие наскоро ќе бидат отворени.