Ристовски: Реформите се основа за градење општество базирано на знаење
Владата понуди прилично обемен пакет-мерки, кои се однесуваат на образовниот систем. Зошто толку многу новини?
РИСТОВСКИ: Образованието е сфера што никако не смее да трпи застои. Еднаш поставените стандарди за квалитет, мора континуирано да се надградуваат следејќи ги современите образовни трендови. Како влада сме исклучително решителни во тој дел затоа што Република Македонија е земја што не изобилува со огромни природни ресурси, нафтени полиња или, пак, долги песочни плажи, така што тоа нѐ ограничува кога е во прашање настапот на глобалниот пазар. Таму можеме да се натпреваруваме само со степенот и со нивото на понуденото знаење. Немаме алтернатива. Пакетот предлог-реформи, пред сѐ стимулативни, се однесува на сите сегменти од нашиот образовен систем и тој е произлезен од реална потреба, препознаен врз основа на една сеопфатна анализа и конструкција на натамошната траса за градењето на општество базирано на знаење, како основа и за вкупниот економско-социјален развој на земјата.
Се чини дека промените во најголем дел се однесуваат на образованието на идните наставници. Дали тоа значи дека промените таму се најнеопходни?
РИСТОВСКИ: Квалитетот на образовниот систем зависи од повеќе детерминанти. Но, лично сметам дека најголема улога има човечкиот фактор. Кога говорам за човечкиот фактор, пред сѐ мислам на наставниците, професорите и на стручниот кадар на сите образовни нивоа. Во изминатиот период често слушавме коментари дека не секогаш најдобрите ученици се запишуваат на педагошките факултети. Дека дел од нив се студенти што не успеале да се запишат на некој друг факултет, каде што претходно конкурирале. Бевме сведоци дека дури ни по три уписни рокови квотите на овие факултети не беа целосно пополнувани. Од друга страна, секојдневно слушаме критики од учениците и од родителите за одредени наставници, за лошиот начин на предавање, недоволна грижа кон децата и посветеност во нивната едукација. Решивме темелно да ја промениме таквата практика и констатации. Во таа насока, изработивме нов Закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и во средно образование. Во него јасно се дефинирани критериумите за упис на педагошките факултети, односно тоа да бидат студенти со просек од минимум 4,00 во средното образование. Предлагаме нова унифицирана студиска програма изработена од најдобрите професори и стручни лица во областа, со посебен акцент на практичната обука, како и примена само на најсовремената литература што се користи на највисокорангираните педагошки факултети во светот. За најдобрите студенти со просек од најмалку 8,00 во текот на студиите, ќе следува стипендија во висина од 50 проценти од просечната нето-плата кај нас. Дополнително, законот прецизно дефинира и кој може да предава теорија и практика на овие факултети.
Паралелно, за постојните наставници во основните и во средните училишта, изработивме нова законска регулатива, која, исто така, е стимулирачка и верувам дека ќе ги охрабри да вложуваат во себе и со тоа да придонесат кон издигнување на дигнитетот на професијата наставник. Новиот закон им овозможува напредување во звања на еден прецизен и отворен начин, но и континуирано стручно усовршување и напредок во кариерата.
Што се очекува од планираната академија за наставници?
РИСТОВСКИ: Формирањето посебна образовна установа – академија за наставници, е надополнување на реформите за кои зборував претходно, а во контекст на создавање нови поквалитетни наставници, но и подобрување на стручната компетентност на веќе ангажираните. Практично, секој студент произлезен од наставничките студии, за да се вработи во училиште, ќе мора да има лиценца. Академијата ќе биде таа што ќе издава лиценци, кои гарантираат работно место на сите студенти што по приемниот испит, се запишале и успешно ја поминале програмата за обука во траење од осум до 12 месеци, а која ќе биде изработена од Програмскиот совет во кој ќе членуваат и наставници од првите 50 највисокорангирани универзитети во светот во согласност со Шангајската листа. Предавачи на академијата ќе бидат врвни странски и домашни професори од соодветната област. Во меѓувреме, секој кандидат за обука ќе добива месечна стипендија, еден вид плата, во висина од 100 проценти од износот на просечната месечна нето-плата во земјата, или околу 21.000 денари. Многу е важно што академијата ќе биде отворена и, како што нагласив, за веќе вработените наставници, кои ако се пријават за обука и добијат лиценца, ќе добијат повисоки месечни примања за 3.000 денари. Со ова сакаме да ги стимулираме и нив да се вклучат и надградат.
Многумина се најдоа повредени од тврдењата дека во високообразовните институции недостига квалитет. Кои се главните аргументи што го потврдуваат фактот дека на образовниот систем му се потребни сериозни реформи ако сакаме од факултетите да излегува поквалитетен кадар?
РИСТОВСКИ: За нас како влада многу е важно мислењето на деловната заедница. Затоа што компаниите најдиректно ги чувствуваат предностите и маните на образовниот резултат. Практично, најголемиот работодавец во земјата е дециден дека на пазарот на трудот постои квалитетен избор на кадри, но не е доволен. За жал, дел од дипломираните студенти, кога ќе бидат работно ангажирани, покажуваат суштински непознавања на областа што ја студирале. А тоа иницира потреба за дополнителни обуки и курсеви, што за работодавецот е загубено време, но и дополнителен трошок. Има и многу други причини, но оваа е суштинската. Затоа и ги предложивме овие крупни измени.
Може ли накратко да ги појасните?
РИСТОВСКИ: Накратко може само да се набројат. А детално, ќе бидат појаснети на јавните дебати, кои веќе ги почнавме и ќе продолжиме да ги реализираме со сите засегнат и заинтересирани страни. Во суштина, тоа што е најважно е предлогот за воведување на четиригодишните додипломски студии на сите факултети, затоа што тригодишните де факто продуцираат недоволно квалификувани и подготвени кадри, кои мора да продолжат на постдипломски студии дополнителни две години, за потоа да бидат третирани на пазарот како преквалификувани студенти, кои како такви тешко обезбедуваат работен ангажман. Ова е надополнето со воведување задолжителен устен испит, покрај писмениот, заради унапредување на комуникациските вештини и начинот на изразување на студентот. Понатаму, една од новините е воведувањето на државниот испит, како механизам за системска проверка и верификација на академското знаење. Исто така, предлагаме и воведување приемен испит за студентите странски државјани, со цел поголема валоризација на дипломата здобиена во нашата земја. Со измените е предвидена можноста во иднина докторски студии да организираат само универзитетите што се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите. И последно, можноста ректор, односно декан на високообразовна установа во земјата да биде и странски државјанин.
Студентскиот пленум обвинува дека реформите се воведуваат насилно, без намера за сериозна дебата. Како планирате да ги убедите засегнатите страни дека нивните предлози и забелешки ќе бидат сериозно земени предвид ако се во насока на подобрување на квалитетот на образовниот систем?
РИСТОВСКИ: Јавните дебати се иницијатива на Министерството за образование и за наука и на Владата на РМ затоа што постои силна волја од наша страна да ги слушнеме сите конструктивни предлози и идеи. Тоа многу ни значи и, верувајте, секоја добронамерна сугестија ќе биде сериозно разгледана и земена предвид при конечните решенија. Но, досега од тие што се појавуваат во јавноста и се декларираат како неформална студентска организација, не слушнавме ниту една идеја, освен тотална деструктивност и одбивност кон сето тоа што се нуди за подобро образование на студентите. Навистина жалам што потпаднаа под притисокот и влијанието на политиката.
Една од главните забелешки е дека со воведувањето државен испит се прави упад во автономијата на универзитетите, односно дека определувањето форми и видови на проверка на знаењето на студентите е во доменот на академската слобода на универзитетот. Го имавте ли овој момент предвид при конципирањето на проектот?
РИСТОВСКИ: Државниот испит ќе го реализира одборот за акредитација и за евалуација, составен од универзитетски професори, како орган што и досега беше надлежен за контрола на високообразовниот систем, за одобрување на студиските програми и следење на нивната реализација и слично. Тој ќе претрпи извесни кадровски и структурни промени за да може соодветно да одговори на обврските што ќе произлезат од концептот за државен испит. Во никој случај не треба да говориме дека се работи за каков било упад во автономијата на универзитетите. Тие и понатаму самостојно ќе ги создаваат наставните програми, ќе решаваат за начинот на оценување на студентите, ќе избираат професори, декани и ректори. Сметам дека таквата констатација е формулирана од дел од професорите, со поткрепа на политичките структури, на кои, очигледно, не им одговара студентите да добиваат оценки и дипломи по заслуга и во согласност со здобиеното знаење. Реакцијата е резултат на нарушување на професорскиот комодитет. Знаете, и во земјите од вишеградската група, во Данска, во Шведска, Австралија и во многу други постои ваков или сличен модел за проверка на знаењето на студентите и никаде не се смета за упад во универзитетската автономија. Само кај нас, автономијата се толкува и дефинира во зависност од потребите и личните интереси на одредена група.
Каков ефект очекувате од државниот испит?
РИСТОВСКИ: Државниот испит ќе овозможи здобивање унифицирано знаење за сите студенти и на државните и на приватните универзитети. Сите студенти ќе се стават во рамноправна положба. Сведоци сме на многу шпекулации за лесно здобивање дипломи на одредени факултети, кои потоа се мерат по износот на потрошени пари, а не по обемот на здобиеното знаење. Таквите дипломи се огромна штета за студентите што ги добиваат, затоа што без елементарни познавања на областа, понатаму не можат да просперираат. Од друга страна, во борбата за работен ангажман им штетат на студентите што, навистина, со макотрпна работа и личен труд го завршиле високото образование и здобиле реално знаење и познавање на областа. Постои неправедност за која ние како влада не можеме да премолчиме и ништо да не преземеме. Затоа се решивме на овој чекор. Идејата е да бидеме сигурни дека секој студент знае најмалку за шестка, а понатаму пазарот на трудот нека ги оценува здобиените вештини и компетенции.
Ставате ред и во изборот на идните директори на основните и на средните училишта. Дали, можеби, последните случувања во дел од нив, кога остануваа без нафта и струја, се иницијална каписла за оваа новина?
РИСТОВСКИ: Можеби, навидум, се чини така, но Законот за обука и за испит на директор за основни и за средни училишта, се планира подолг временски период. Ако порано при изборот на директор беше најважно тој да е строг, денес критериумите се многу повисоки. Тој, пред сѐ, мора да биде добар менаџер, кој ќе ги раководи и администрира сите процеси во училиштето. Овој закон ќе го овозможи токму тоа. Прво, квалитетна обука за секој кандидат за директор, која ќе се реализира низ шест модули и тоа, примена на информатичко-компјутерска технологија во менаџирањето; теорија на организација; луѓето во организацијата; директорот како педагошки раководител; законодавство и финансии. Потоа ќе следува полагање испит за директор и здобивање лиценца за вршење на оваа функција. На крајот, ќе се врши селекција на најдобриот кадар, кој задолжително континуирано ќе се надградува. Денешницата има потреба од вистински менаџери.
Извор: Неделник Република
Новинар: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски